Во градинка и училиштe да се примаат само вакцинирани деца, бара Филипче

Половина од децата родени во 2017 година не се вакцинирани со МРП вакцина, а во скопско Радишани, веќе се потврдени 7 случаи на ситни сипаници, и е прогласена епидемија во градинката „Ташко Караџа“. Здравствените власти ваквата состојба ја препишуваат на антивакциналните кампањи кои се шират долг период, но нема допрецизирање за квалитетот на вакцините.

Министерот Филипче, категоричен, во градинка и училиште да се примаат само оние деца кои се вакцинирани. А во меѓувреме, претставници од здравство, образование и труд и социјала бараат правна регулатива вакцините да бидат задолжителни за упис во градинка или училиште.

Веќе подолг временски период, голем број на родители, поради страв го одложуваат вакцинирањето на децата, па чекаат, нивното дете да покаже први знаци на добар развој пред да го однесат да прими вакцини.

Mожни компликации од морбили се воспаление на средното уво, белите дробови и мозокот. Специфичен лек не постои, но вакцинацијата е исклучително ефикасна во превенција на заболувањето.

Сања Трајковска Ставров