Во Бугарија уапсен Романец во врска со убиството на новинарката Маринова

Бугарската полиција привела осомничен во врска со убиството на новинарката Викторија Маринова, изјавил владин извор запознаен со истрагата.

– Можеме да кажеме дека е приведен еден осомничен, рекол изворот без да открие други детали.

Претставник на бугарското Министерство за внатрешни работи не сакал ниту да ја потврди ниту да ја демантира информацијата, наведувајќи дека Министерството подоцна ќе објави соопштение.

Во исто време, Бугарското национално радио јави дека државјанин на Романија е уапсен во врска со тоа тешко злосторство.

Бугарската истражувачка новинарка Викторија Маринова (30) во саботата беше брутално претепана, силувана и задавена во Русе, северна Бугарија, а нејзиното тело беше пронајдено во паркот во близина на реката Дунав.

Маринова беше новинар и уредник на бугарската телевизија ТВН и известуваше за истрага за наводна корупција поврзана со фондовите на ЕУ.