Во бомбардирање по грешка убиени авганистански полицајци

Најмалку 17 полицајци беа убиени по грешка во воздушен напад за време на борби против талибанците  во близина на градот Лашкар Гах во авганистанската провинција Хелманд, објавија авганистански официјални лица.

Претседавачот со Провинцискиот совет Атаулах Афган изјави дека воздушниот напад се случил вчера за време на судирите на авганистанските полицајци со талибанците во близина на Лашкар Гах.

Тој рече дека 14 полицајци биле ранети за време на престрелката.

Засега не е познато дали нападот бил извршен од страна на авганистански или американски сили.

Гувернерот на провинцијата Хелманд Мохамед Јашин изјави дека во тек е истрага за воздушниот напад.

Талибанците тврдат дека нападот бил извршен од страна на американските сили.