Во битолската ПЕ на Фондот за ПИОМ има сериозен недостиг од кадар, осигурениците лути заради предолгото чекање
„Во ПИОМ Битола ги избркале сите кои беа со договори за работа, старите се пензионирале, па сега не може ниту една услуга да се добие“, „Битола не им е важна. Иако Подрачната опслужува дури три општини, има само 7 вработени. Ама затоа во централата во Скопје, како и во Тетово, Гостивар и Кичево е пренатрупано“, деновиве реагираат битолчани на социјалните мрежи. Лути се и револтирани, бидејќи како што велат, за една обична услуга чекаат со денови и месеци, пропуштајќи термини за лекување, боледување, пензионирање, решенија за туѓа нега, за инвалидитет и сл.
„Многу од нив, кои што поминале веќе на преглед во Скопје, во комисиите кои што се во Скопје во рамките на Министерството за труд и социјална политика, не се во можност да ги добијат предметите, и се ни угоре, ни удолу, што викаме ние битолчани, затоа што иако го завршиле прегледот, не можат да достават документ до нивните работни организации, доказ за нивната способност или неспособност за работа“, – ни рече еден револтиран битолчанец, чиј идентитет и е познат на Редакцијата.
Најоштетни се оние кои чекаат решенија за инвалидска пензија, за туѓа нега или за промена на работно место заради нарушена здравствена состојба, бидејќи со ваквото предолго чекање на документите, не се знае што се’ може да се случи со овие луѓе, вели нашиот соговорник и додава дека мора да се најде начин час поскоро да се зголеми бројот на вработените, зашто станува збор за над 100.000 осигуреници, секој со своја, специфична животна судбина.
„Десет луѓе, на пример, побрзо можат да обработат некоја работа отколку пет, посебно кога тука се работи со документи, со човечки судбини, со дијагнози и со икс други и доверливи, и специфични работи каде што треба да се внимава на секоја буква, на секоја бројка при пишувањето на тие решенија“, – констатира нашиот соговорник. За ваквата незавидна состојба, иако уште една пред една недела одговори побаравме од Фондот за ПИОМ во Скопје, краткиот одговор, конечно пристигна дури вчера.
„Во Фондот на ПИОСМ – Стручна служба Филијала Битола има недостиг на кадар. Во Филијала Битола моментално се 7 вработени, а по систематизација треба да бидат 27 вработени. За 2023 се планирани 4 нови вработувања. Филијала Битола се труди да ги решава сите барања на странките со тој кадар што го има моментално и иако со ограничени ресурси, вработените прават максимални напори за осигурениците да можат да ги остварат своите права навремено“, стои во одговорот од ФПИОС на Македонија
Каролина Дурло