Во Битола се подготвува претстава за жените со рак на дојка

Најновиот проект на “Интимен театар“ од Битола е претставата “Жени“ во која наместо професионални глумци, учествуваат жени болни од рак на дојка кои ја пребродиле болеста или се соочуваат со оваа опасна болест.

Инспирацијата на режисерката Софија Ристовска Петрушева за овој потресен и крајно сензибилен сценски продукт дојде од четиригодишната работа на нејзината сестра психијатар, која има докторирано за депресијата на болните жени од рак на дојка и води група за поддршка на околу четириесет жени со оваа болест.
– Веќе ги запознав жените многу подробно и шест од нив се нафатија да работат со мене и да создадеме документарна театарска претстава, зашто конкретните жени кои с ена возраст од триесет и неколку до седумдесет години, сега имаме шест а имавме и седум жени и едната веќе почина. Затоа, ја сакам оваа претстава зашто оваа болест носи човечки животи – рече режисерката Софија Ристевска Петрушева.

Продуктот што ќе го добиеме ќе биде многу важен за нашето општество, зашто оваа болест е погубна насекаде околу нас и скоро секоја втора или трета жена има опасност да се разболи, а секоја недела во Битола има по еден нов случај, вели битолската режисерка.

-Битола е едно специјално подрачје подложно на рак на дојка, зашто во наша близина е РЕК “Битола“. Не само загадувањето, туку борбата треба да се спроведе од сите аспекти, а ние ја спроведуваме низ овој комбиниран итердисциплинарен проект, што психоанализата ја поврзуваме со театарот и уметноста и да направиме продукт кој ќе им ја лесни психиката на тие жени- вели Ристовска Петрушева.

Дури и за ваков високоангажиран проект, Министерството за култура годинава остана рамнодушно.
-За жал, Министерството го одби овој проект, а одби и многу други проекти. Вие знаете дека околу Програмата за култура имаше многу полемики и дискусии, многу незадоволство, но ние решивме да не се откажеме- рече Ристовска Петрушева.

“Интимен театар“ од своето постоење, досега има поставено девет претстави и негува ангажиран театар кој зборува за проблемите на локалното население, за проблеми од личен каракатер и се дава поддршка на жената. За претставата “Жени“ се бара финансиска поддршка, за да се обезбеди хонорар за шесте жени, кои покрај животното премреже, решија храбро да се соочат и со сцената.

Петар Стефановски