Во Битола изгоре пилана

Вистинска драма се случуваше синоќа после полноќ, кога избувна пожар во пилана близу Битола, на локалниот пат за село Могила. Противпожарните екипи, единствено што успеаја да спасат, беше можноста пожарот да не се прошири до објектите на туристичката агенција “Ана Турс“ со комплетниот возен парк, кои се во непосредна близина на пиланата. Денеска претпладне, поради дрвената граѓа пожарот не беше целосно совладан, но објективот на нашата камера ја долови состојбата со уништената пилана и опремата.

– Се упатија две возила и седум пожарникари, каде се констатира дека гори пиланата. Со брза интервенција, не се дозволи проширување на пожарот до соседниот објект до гаражите на ТА “Ана Турс“ и пожарот е под контрола – рече м-р Коста поповски, командир на ТППЕ- Битола.

Од туристичката агенција “Ана Турс“ се среќни што успеаја во последен момент да ги спасат објектите и автобусите.

– Фала му на Бог што ете се спасивме ние. А внатре беа сите автобуси, стварно беше тензично, имаше многу деца и луѓе што ни помогнаа. Ги ваѓавме звтобусите, не знам, многу страшно беше – рече Славчо Ѓоршевски, сопственик на ТА “Ана Турс“- Битола.

После повеќето пожари на отворено, ова беше пожар на објект кој по втор пат гори за две години, а причините допрва ќе треба да се утврдуваат, иако со голо око се гледа дека не бил изграден по стандарди, без хидранти и залепен до објектите на соседите.

Ова е еден од многуте пожари што се случија во последните три месеци. Статистиките велат дека за овој квартал има повеќе пожари отколку минатата година. Овој пат, за жал, штетата е многу голема и една пилана целосно е уништена.

Годинава, заклучно со денешниот, за првите три месеци се регистрирани 181 пожар, или една третина од вкупната ланска бројка со 526 пожари, во зимски период кога просекот на опожарување е многу помал отколку во летната сезона.

Петар Стефановски