Во американскиот Сенат е предложена Резолуција за чествување на македонскиот јазик, култура и историја
Во американскиот Сенат е предложена Резолуција за чествување на македонскиот јазик, култура и историја. Имено, републиканскиот сенатор Мајк Брон претстави резолуција во американскиот Сенат, според која, септември 2023 година би се прогласил за месец на македонско-американско наследство при што би се славеле јазикот, историјата и културата на македонските американци и нивниот придонес за Соединетите Американски Држави. Во резолуцијата се наведува дека е важно да се истакнат бројните придонеси на македонските Американци во САД од различни области, почнувајќи од култура и уметност, до политика, бизнис, медицина, наука и спорт.
Во документот се наведува дека од 1880 година десетици илјади Македонци имигрирале во САД во потрага по граѓански слободи и права, верски слободи, подобри економски множности, но и како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја, Балканските војни, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција и комунистичката политика на Југославија.
Се додава дека денес, според проценките, низ САД има околу 500 илјади македонски доселеници населени во различни сојузни држави, главно во Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија. Резолуцијата е по иницијатива на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), а таа сега треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за правосудство, пред за неа да гласа целиот Сенат. Пред повеќе од еден месец, германскиот парламент – Бундестагот донесе резолуција со која се дава поддршка за европската иднина на Македонија, како и признание на македонската култура, идентитет и јазик.