Во Азија годишно се јадат 30 милиони кучиња

Повеќе од 30 милиони кучиња се убиваат годишно за потрошувачка на луѓето во Азија, од кои 70 отсто се украдени, соопшти денеска основачот на азискиот Пријателски сојуз на животните Генлин Пенг.

Од тие 30 милиони кучиња, пет милиони се убиваат во Кина, седум милиони во Јужна Кореја и пет милиони во Виетнам, информираат јапонски медиуми.

Иако огромно мнозинство Јапонци не јадат кучиња, во Јапонија има повеќе од 100 ресторани или продавници кои продаваат увезено кучешко месо, главно на странски потрошувачи.

Статистиката, која ја направи Светското здружение на кучиња, основана од Пенг, покажа дека Јапонија увезла околу 450 тони кучешко месо во периодот меѓу 2002 и 2016 година, што е еквивалентно на 100.000 кучиња.

Легислативата на Тајван, остров кој Кина го смета за нејзина територија, во април 2017 година донесе промени во законите, со кои им забранува на луѓето да консумираат месо од кучиња и мачки и ги зголеми максимално казните за злоупотреба на животните.

Измените во законите беа направени два месеца по забраната за евтаназија на животни скитници.

Успешната легислатива на Тајван и САД му дала на Пенг голем поттик во неговата глобална кампања за забрана за трговија со месо од кучиња.

Тој ги посети пратениците во Велика Британија, Италија, Норвешка, Франција и Кина за да ги убеди да донесат закони, со кои ќе ја забранат таа практика.