Војната во Украина дополнителна опасност за климатските промени

Руската инвазија на Украина ги поттикна глобалните геополитички тензии – а уништувањето не завршува на бојното поле.

Напредокот во справувањето со климатските промени, постигнат на самитот КОП26 во Глазгов минатата година, се здоби со пораз, вели аналитичарот Антони Фрогат.

„Развој на коалициите – заеднички, големи коалиции, но и билатерални иницијативи како што се САД и Кина, кои предлагаат нова програма за работа за справување со климатските промени. Дел од таа добра волја исчезна. И, тоа не е само во однос на Русија. Гледаме дека Кина се повлече од тој договор со САД како резултат на тензиите околу Тајван. Во голем број области, геополитиката не е толку позитивна“, вели Фрогат.

Научниците велат дека светот не може да дозволи конфликтот во Украина да го одвлече вниманието од климатската вонредна состојба.

„Треба да бидеме способни да се справиме со повеќе кризи. А вистината е, со војната против Украина и со сложеноста околу снабдувањето со нафта и гас, постои можност, и велам дека со почит, сега има шанса навистина да се инвестира во чиста и зелена, наместо да се инвестира во јаглеводороди инфраструктура. Тоа е она што светот треба да го направи во моментов“, вели извршниот директор на Програмата за животна средина на Обединетите нации.

Меѓународната агенција за енергија минатата недела соопшти дека војната во Украина ќе ја забрза транзицијата за зелена енергија.

„Владините одговори ширум светот околу оваа енергетска криза ветуваат пресвртница во историјата на енергетиката. Оваа криза навистина ќе ги забрза транзициите за чиста енергија“, вели Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергија.

Но, се чини дека таа транзиција направи чекор назад. Многу европски земји ги рестартираат електраните на јаглен, прекршувајќи ги климатските ветувања, бидејќи Русија ги затвори славините за гас.

„Постои краткорочен јаз во понудата што ќе треба да се исполни. Но, се додека нема огромни инвестиции во тие фосилни горива, тогаш можеби само треба да го прифатиме тоа. Тоа е еден вид среднорочна и долгорочна траекторија за која се надевам дека ќе видиме забрзување на декарбонизацијата како резултат на војната во Украина“, вели Ентони Фрогат, Чатам Хаус.

Но, руската инвазија, исто така, поттикна глобална економска криза – со зголемена инфлација и можни рецесии.

„Вниманието што глобалните лидери го посветуваат на климатските промени е намалено. Мислам дека ќе има зголемена свест за економската неволја поради која многу земји се наоѓаат во претстојната глобална рецесија што ќе го отежне финансирањето“, додава тој.

Политичкиот моментум околу преговорите за климатски промени можеби е закочен. Но, постои надеж дека руската инвазија на Украина ќе ги натера земјите да стават крај на нивното потпирање на фосилните горива кои предизвикуваат климатска вонредна состојба.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон 

Advertisements