Востание на Жолтите елеци: Го уриваат Макрон поради цената на горивата

Францускиот претседател Емануел Макрон никогаш не бил во потешка ситуација. Многу Французи го обвинуваат за зголемувањето на цената на горивата кое сметаат дека е резултат на неговата даночна политика со која ги зголеми давачките за горивото со цел автомобилите помалу да се користат и на тој начин да се чува животната средина. Дел од француските граѓани, особено сиромашните и оние од руралните области, се згрозени од тоа што нивните власти повеќе се грижат за околината отколку за нив и се собраа во протестно движење Жолти елеци. Поврзани преку социјалните мрежи себеси се опишуваат како неполитичка организација која ја обедини начинот на кој власта го третира малиот и обичен човек. Властите пак го велат спротивното: „Ве собра опозицијата“.

Продолжуваат да протестираат

Жолтите елеци протестираат со денови блокирајќи улици и отежнувајќи го сообраќајот, а во еден од протестите во саботата загина една демонстрантка кога на неа налета автомобил. Оваа „униформа“ граѓаните ја избраа поради многу лесна видливост, а групата стана дел од француската политичка сцена. Протестите продолжија и со почетокот на работната недела со блокирање на нафтени резервоари и патарини. Цената на дизелот оваа година се зголеми дури 16 проценти на просечни 1,48 евра за литар, додека бензинот поскапе пет проценти. Французите за ова ја обвинуваат својата власт. Даноците сочинуваат речиси 60 проценти од цената на горивото во Франција. Француската Влада има отворена агенда со која сака да ги натера возачите помалку да ги користат автомобилите за да се заштити животната средина. На почетокот од годината Владата го зголеми данокот на јаглероводородот за осум центи по литар дизел и четири центи по литар бензин, а од следната година ќе бидат додадени уште шест центи на дизелот и три центи на бензинот.

Но ова многу ги налути сите Французи. Испитување на компанијата Елабе спроведено на 14 ноември покажа дека дури 73 проценти од Французите ги поддржуваат протестите и 70 отсто од нив мислат дека Владата би требало да го повлече зголемувањето на горивата, а интересно е дека дури 54 проценти од оние кои гласале за Макрон ги поддржуваат Жолтите елеци. Покрај тоа, според едно друго истражување, дури 82 отсто од Французите сметаат дека куповната моќ на граѓаните е поважна од брз премин на државата кон обновливи извори на енергија. Но, притоа протестот против владата всушност стана пошироко прашање од противење на политиката против зголемување на цените на горивата и почна да се однесува на односот на арогантниот претседател и избирачката база која не живее само во центарот на Париз. Така Французите кои живеат вон големите центри ги изнервира тоа што Владата им порача да се возат со јавен превоз кој таму го нема. – Никој не мисли на луѓето кои живеат во предградијата, во провинција, во руралните подрачја. Им велат да користат алтернативни начини на превоз, но тоа не е можно. Затоа немаат избор освен да платат гориво по повисока цена, вели Присилија Лудоски менаџерка која живее во париско предградие и која покрена интернет петиција со која бара намалување на цената на горивата. Петицијата досега има 850 илјади потписи.

Опозицијата ги поддржува

Опозицијата се обедини во поддршка на протестите, а Мари Ле Пен рече дека нејзиниот Национален собир беше прва партија која изрази целосна поддршка на движењето. Лoрен Вакез, шеф на републиканците, опозициска партија на десниот центар, рече дека „Макрон не ги слушнал Французите“. Кристоф Кастанер, министер за внатрешни работи ги обвини републиканците дека стојат зад протестот и рече дека не се согласува дека станува збор за неполитичко движење.

Емануел Макрон досега, во судирите со синдикатите и крајната левица, поради своите либарани потези во економијата, докажа дека протестите многу не го допираат и секогаш продолжуваше по свое. Но, овој пат поддршка почнаа да му откажуваат и луѓе од рурални краишта и сиромашни граѓани на кои им пречи користење на државата за задоволување на цели со кои не се согласуваат сите. – Непопуларноста на Макрон расте. Изразувањето противење кон неговата власт стана општествено прашање, не само политичко. Тој навистина е во проблеми затоа што за просечен Французин тој е претставник на париската социјална и интелектуална елита, тврди Жером Сан – Мари, шеф на институтот ПолингВокс.