ВОА за АЛФА: Правото за поседување на оружје стана една од главните теми на американските избори

Дебатата за контрола на поседувањето на оружје беше една од главните теми на двете претседателски конвенции на кои и официјално се потврдија кандидатурите на Доналд Трамп и Мајк Пенс за изборите во ноември. Сепак, има клучни разлики во пристапот кон ова прашање на двете партии – Републиканската и Демократската.

Правото на поседување оружје заштитено со Уставот, според претседателот Доналд Трамп ќе биде одземено, ако Демократите ја освојат Белата куќа. 

Ќе ви го одземат оружјето или ќе го елиминираат вториот амандман – изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Вториот амандман отсекогаш бил во центарот на политичката дебата во САД поради улогата на оружјето при создавањето на државата. 

Во име да може да се спречи тиранска влада, и поради желбата таа заштита да постои засекогаш – изјави  Алекс Клејтон, Американски универзитет.

Правото на поседување оружје беше истакнато на првата вечер на Републиканската национална конвенција од адвокатите Марк и Патриша Мек Клоски. Двојката стана популарна на социјалните мрежи, откако впери оружје кон демонстрантите пред нивниот дом, кои беа дел од протестите „Црните животи се важни“. 

Претседателот Трамп ќе го брани правото на секој Американец да ги заштити домот и семејството – изјави Марк Мек Клоски, адвокат од Мисури.

Поддржувачите сметаат дека забраната на оружјето не е одговор на проблемот. Татко на жртва при пукањето во училиштето во Паркленд во 2018-та година, вели дека Трамп го направил вистинскиот избор поддржувајќи строги мерки за безбедност на училиштата. 

Навистина верувам дека безбедноста на нашите деца зависи од тоа дали тој ќе биде избран повторно – изјави Андру Полак, татко на жртва на масовно пукање.

Но, честите масовни пукања изминативе години ги зголемија барањата за контрола на оружјето. Според јавните анкети, повеќето Американци поддржуваат рестрикции.  

Токму тоа беше истакнато на Демократската национална конвенција. 

Политиките за контрола на оружјето можат да ги обединат речиси сите во Демократската партија. Има смисла да се фокусираат на тоа, отколку на нешто што би можело да ги подели – изјави Алекс Клејтон, Американски универзитет.

Ако биде избран, претседателскиот кандидат Џо Бајден рече дека ќе воведе универзална проверка на луѓето кои купуваат оружје, како и оти ќе се донесат закони со кои ќе им се одзема оружјето на оние кои претставуваат закана за себе и за другите.  

Поранешната конгресменка Габи Гифордс, која пред девет години беше тешко повредена при пукање, вели дека се потребни клучни реформи. 

Можеме да дозволиме пукањето да продолжи или да делуваме. Можеме да ги заштитиме нашите семејства и иднина. Можеме да гласаме и да го избереме Џо Бајден – изјави Габи Гифодс, поранешна конгресменка.  

Во кампањата се отворени многу прашања, но аналитичарите велат дека односот кон поседувањето оружје останува во врвот на агендите и на политичарите и на гласачите. 

Истражувањата на јавното мислење покажаа дека за 55% од регистрираните гласачи политиките околу поседувањето на оружје играат многу важна улога во нивната одлука за кого ќе гласаат на 3-ти ноември. За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.