ВМРО-ДПМНЕ: 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата

Со СДСМ на власт македонската економија е пред целосен колапс, сите економски параметри бележат падови, а граѓаните се повеќе осиромашуваат.

Ова во соопштение до јавноста го тврди ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека „додека повеќе од 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата и не можат да се прехранат, СДСМ и нивните функционери единствено се грижат за своите бизниси и да згрижат што е можно повеќе роднини во државните институции“.

Во соопштението уште се вели и дека „во недостиг на економски резултати, криминалниот картел вработувањето на своите мајки, татковци, баби, дедовци, золви, снаи, зетовци и лични фризерки почнаа да го прикажуваат како голем економски успех“.

„Расипничката власт на СДСМ и аболицираниот Заев ја направи Македонија најсиромашна држава во регионот и Европа. Земјите од регионот и Европа доживуваат економска ренесанса, а Македонија благодарение на неспособната влада на СДСМ е закована на дното со срамни 2,05% раст, кој е многу далеку 5 до 7% со кои што Заев ги лажеше граѓаните.

Нивото на реализација на капитални инвестиции за месец јануари изнесува мизерен 1%, извозот има пад од 1,9%, а пад има и ИТ индустријата и тоа од големи 12,6 проценти. Во услови кога државата економски тоне, власта не запира со задолжувањата. Криминалната власт на СДСМ успеа за прв пат да ја надмине психолошката граница на јавниот долг од 50% и тој веќе надмина 5 милијарди евра за прв пат во историјата на Република Македонија.“, пишува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението до јавноста.

Според ВМРО-ДПМНЕ, сето ова е показател за штетните и катастрофални политики на СДСМ и Зоран Заев кои се вистинска елементарна непогода за државата и граѓаните.

„Граѓаните повеќе не смеат да живеат во оваа беда која ја донесе СДСМ. Токму затоа потребно е Заев и СДСМ заедно со нивниот криминален картел да си заминат за конечно македонската економија да почне да напредува.“, пишува во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ