ВМРО-ДПМНЕ: Јавното обвинителство да ги истражи наводите за притисоци, закани, уцени и поткуп на пратеници

Опозицијата бара обвинителството да покрене постапка по допрен глас за поткупот на пратеници, но и поради заканите, притисоците и уцените кои биле упатени до народните избраници.

Пред само неколку дена, односно непосредно  пред гласањето во собранието за уставните измени, дел од политичките елити обвинија дека биле нудени огромни суми на пари за народски  кажано купување на пратеници. Лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ на социјалните мрежи истакна дека собранието е како сточен пазар. А пак генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека им биле нудени и по два милиони евра на пратениците за да бидат дел од двотретинското мнозинство.

Алфа се обиде да добие одговор од обвинителството за дали и кога ќе покренат постапка за ваквите обвинувања, но од таму добивме краток и не конкретен одговор.

Јавното обвинителство на Република Македонија ги следи сите информации и ќе постапува доколку бидат утврдени елементи на сторено кривично дело. Истовремено, согласно Кривичниот законик, примањето и давањето на поткуп се кривични дела и обвинителството ги охрабрува граѓаните доколку имаат докази ваквите случаи да ги пријават.

Од МВР велат дека засега им се врзани рацете, бидејќи до министерството не стигнало барање од обвинителство да покренат истрага.

За обвинувањата за поткуп и закани на пратеници во петокот се огласија од СДСМ. Пратеникот Костадин Костадинов  ги негираше ваквите наоди.  Веднаш по него и премиерот Заев најави тужби за обвинувањата на опозицијата дека бил нуден поткуп.

Темата за нудење пари на пратеници стана актуелна  непосредно пред гласањето во собранието каде власта мака мачеше да обезбеди 80 пратеници за да го протурка Преспанскиот договор и уставните измени. Собраниската седница во петокот беше закажана за во 12 часот, па одлижена за во 15. Конечното гласање се одржа нешто по 22 часот.

 

Мери Ѓорѓиевска