ВМРО ДПМНЕ со докази и најмалку четири сведоци бараат да се отвори постапка за спикерот Талат Џафери
Народните избраници од ВМРО-ДПНЕ, од ГРОМ и од Социјалистичката партија, со докази и со најмалку 4 сведоци, поднесоа барање да се отвори постапка за скандалозното однесување на собранискиот спикер, Талат Џафери, кој минатата недела на недоличен начин и со навреди се од обрати кон вработените во собраниските служби.
На пријавата се потпишале 22 пратеници, колку што биле присутни денеска во собранието, кои преку иницијативата бараат да се утврди тешка повреда на кодексот, одговорност на спикерот, како и да му се изрече јавна опомена.
Во барањето на претседателот на комисијата, Панчо Минов, да свика седница, пратениците се повикуваат на собранискиот деловник, како и на етичкиот кодекс на собранието, кој инаку лично го има потпишано самиот Цафери пред 4 години.
– „Тоа што сакам да го истакнам е дека најмалку 4 пратеници од нашата пратеничка група биле сведоци на овој немил настан, за жал, биле внатре во самата просторија, каде на еден вулгарен и недоличен начин, Претседателот Џафери ги понижавал и им вршел притисок на вработени во службата на собранието и истите тие пратеници ќе бидат расположливи и ќе посведочат, кога ќе закаже господинот Минов ваква комисија, за тешко прекршување на етичкиот кодекс.“ – Изјави пратеникот Антонио Милошоски.
Влада и Ковачевски за Алфа рекоа дека не сакаат да го коментираат однесувањето на Џафери, оти Собранието била посебна власт, која има свој деловник. Дали се плашат дека ако го осудат Џафери ќе и наштетат на коалицијата и партнерството со ДУИ, од Илинденска ни одговорија:
-„Ви посочуваме дека коалицијата е стабилна и има мандат до 2024 година“- Велат од Влада.
Во зависност од процената на членовите на комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, според тежината на прекршокот, тие може да изречат јавна опомена или да го суспендираат Џафери на еден месец.
Но не само тоа. Комисијата има надлежност и да му забрани да претседава.
Новинар: Никола Цветкоски