ВМРО-ДПМНЕ предлага намалување на ДДВ на електрична енергија од 18 на 5% и 0% ДДВ за основните прехранбени производи
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата иницира законски измени во Собранието со кои драстично ќе се намали притисокот од политиките на власта врз стандардот и граѓаните. Конкретно, најголемата опозициска партија до Собранието доставила два предлога. Пратеникот Бојан Стојаноски предупреди дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија уште во текот на минатиот месец поднесе предлог закон за изменување и дополнување на законот за ДДВ, кој ќе биде на дневен ред на денешната собраниска седница.
Овој Предлог закон според него содржи две многу важни измени за граѓаните во услови на секојдневно влошување на животниот стандард. Намалување на ДДВ на електрична енергија од 18 на 5% и 0% ДДВ за основните прехранбени производи.
Стојаноски потсетува дека Владата во текот на оваа година два пати го покачи ДДВ-то за електрична енергија, најпрво во јануари од 5 на 10% и сега од 1 јули од 10 на 18%. Во изминатите три години, СДС и ДУИ преку Регулаторна комисија за енергетика ја покачија цената на струјата за 50-тина проценти.
Овие покачувања вели тој, се резултат на недомаќинското, нестручно и криминално работење на владината коалиција со државните енергетски компании ЕСМ и МЕПСО.
Нашиот втор предлог кој е на барање на граѓаните е намалување на ДДВ од 5% на 0% за основните прехранбени производи. Тука се гледа разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, реагира Стојаноски и додава:
„Ние предлагаме намалување на давачките за храна кон државата, а СДС предлага зголемување. Ние бараме да не се плаќа ДДВ, за побрзо да се симне инфлацијата, а власта предлага зголемување на ДДВ за над 4.000 прехранбени производи за да прибере денар повеќе. Поголемо ДДВ ќе значи инстантно зголемување на цените и нов удар по потрошувачката кошничка. Власта се уште ја крие целосната листа на овие т.н. ексклузивни производи, но ајде нека кажат колегите од мнозинството што е ексклузивно во бисквити“.
За да нема забуни, особено кај колегите од СДСМ кои се повеќе се чувствуваат измамени од ДУИ, по којзнае кој пат бараме веднаш, уште пред гласањето да се објави листата на производи кои државата ќе ги поскапи“, реагира Стојаноски и укажува дека економските политики на власта доживуваат крах, а Македонија е една од земјите со највисока инфлација во Европа и најнизок економски раст.