ВМРО-ДПМНЕ открива имиња: Опозицијата обвинува за тајни преговори во Софија, власта пак крие кој преговора со Бугарија

Тајни преговори со Бугарија во Софија водат македонските дипломати Методија Белевски и Агнеса Руси, предупредува опозицијата. Ова доаѓа во моменти кога кај власта постои разногласие околу преговорите со источкиот сосед. Премиерот вели францускиот предлог бил отфрлен, министерот за надворешни работи пак вели не бил отфрлен, само требале корекции.

Она што се знае од властите е дека експертски тим водел разговори со Бугарите. Но, не информираат кои се дел од овој тим. Поради тоа Алфа постави две прашања до МНР: Кои се членови на експертскиот тим за преговорите со Бугарија? И дали членови се Димитар Ковачевски, Бујар Османи, Бојан Маричиќ, Методија Белевски и Драган Алчинов? На што одговорот гласеше.

-Не е точно, ништо повеќе не можеме да ви кажеме, кратко ни кажаа од МНР.

Интересно за јавноста е името на Методија Белевски, за кое од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека преговара со Бугарија. За него Алфа уште пред осум месеци објави дека е човекот кој вршел притисок врз работата на историската комисија и поради кој од неа се повлече историчарот Ванчо Ѓоргиев. Од МНР тогаш не ја демантираа оваа информација на Алфа телевизија.

-Министерството на ниту еден начин досега не бил дел од научната работа на Комисијата, уште помалку во создавањето содржина во рамките на работата на Комисијата…, ни одговорија тогаш од МНР.

Во моменти кога сите чекаат што ќе се случи во преговорите со Бугарија, а во Софија речиси сите политички фактори го слават францускиот предлог, загрижува зошто македонските влсти кријат кој преговаат со Бугарите во овој момент.

Матеја Петровски

Поврзани вести