ВМРО ДПМНЕ обелодени предлог забелешки за преговарачката рамка

Да се избришат едностраните декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик, билатералните одговори да не бидат дел од преговарачката рамка, да не се отвора Уставот пред почетокот на преговорите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ упати низа забелешки на состанокот на работните групи во кои учествуваа претставници од речиси сите политички партии. Пратеникот Александар Николоски предупредува дека Македонија е единствената земја – кандидат за ЕУ, чија прва меѓувладина конференција се условува со усвојување на уставни измени.

Првата точка во која што интервенираме е точка три од општиот став каде што бараме реченицата „ЕУ ги зема во предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“ да се избришат.  преговарачката рамка бараме во точка 1 да се избришат зборовите „првата фаза од“ односно поедноставно кажано да нема поделба на првата меѓувладина конференција и да не се условува со промена на Уставот, туку веднаш да започнат преговорите – изјави пратеникот Александар Николоски.

ВМРО-ДПМНЕ бара измени во преговарачката рамка и во однос на вклученоста на Договорот за добрососедство.

Во точка пет од преговарачката рамка се брише последната алинеја, која што го вклучува договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017та година како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според членот 12. Во точка пет се ставени критериумите според кои што Македонија ќе напредува за сите држави тоа се Копенхашките критериуми и договорите за стабилизација и асоцијација, само за Македонија се додаваат билатералните договори – изјави Николоски.

Од СДСМ велат дека овие заклучоците на парламентарните работни групи нема да дејствуваат промена во францускиот предлог или преговарачката рамка, туку само ќе ја обврзат македонската Влада, како да се однесува во следниот период.

Станува збор за сериозен процес во државата, бидејќи се работи за иднината на државата и нивните граѓани. Во таа насока ние ќе дадеме наши предлог заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашите стратешки определби за членството во ЕУ со исклучување на билатералните -историски и образовни прашања. Ќе дадеме предлози и заклучоци коишто ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични и културни посебности на македонскиот народ – изјави пратеникот од СДСМ Јован Митрески.

Претседателот на ДС, Павле Трајанов пред средбата побара на увид да биде ставен и билатералниот протокол, бидејќи без тоа не можеле да донесат заклучоци. Тој уште еднаш потенцираше дека ако билатералните прашања бидат дел од преговарачката рамка, нивната поддршка ќе биде дискутабилна.

Според Арбр Адеми од ДУИ рамката е добра основа за почеток на преговорите, каде македонскиот јазик ќе биде чист, а идентитетските прашања гарантирани. За Алијанса за Албанците ова е исклучителен значаен момент и не требало да ја пропуштиме оваа шанса.

Адријана Алексиеска

Поврзани вести