ВМРО-ДПМНЕ обвинува за партиски вработувања во Охрид

Власта во Охрид продолжува со партиски вработувања пред избори – обвинува опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека локалната власт објавува огласи за пополнување работни места во сите јавни претпријатија основани од општината. По 70-те административни вработувања и унапредувања на кадри минатиот месец, од кои 40-тина во „Охридски комуналец“, сега партијата обвинува дека се вработиле и 25 луѓе во ЈП „Проаква“ и уште 15 во другите јавни претпријатија.

За вршителот на должност градоначалник на Охрид новите вработувања не се спорни. За дел од нив токму сега се создале услови да се трансформираат во редовни работни односи. За него, новите работни места биле предвидени во годишната програма, но тоа не значело и дека тие навистина ќе се реализираат.

И додека опозицијата обвинува за вработување на партиски послушници, а власта се правда, јавните претпријатија тонат во долгови. На последната непопуларна листа на УЈП на најголеми должници за даноци и придонеси се најдоа многу јавни претпријатија и тоа не само од Охрид, туку основани од речиси секоја општина во Македонија.