ВМРО ДПМНЕ обвини за апсење на Груевски во режија на Заев

Екс премиерот Никола Груевски вечерва требаше да биде уапсен спектакуларно, пред камери, па некои медиуми имаа можност заедно со единицата за потраги на МВР да влезат на спратот од зградата и да врши пренос во живо додека полицијата тропаше на вратата од семејниот стан на пратеникот Груевски. Во меѓувреме провладини медиуми лиферуваа информации дека „Груевски е во бегство“, „дека се криел во седиштето на партијата“, а на сајтот на МВР беше објавено дека по него е распишана потерница…Нарачател на целата медиумиска хајка е Зоран Заев, обвинија од ВМРО ДПМНЕ.

Единствениот политичар аболициран за тежок криминал, Зоран Заев нарачал медиумите да бидат повикани пред домот на пратеникот и почесен Претседател на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски за да кулминира хајката врз него. Медиумските загари на аболицираниот Заев имаат зелено светло за линч на секој што не се согласува со неговата капитулантска и антимакедонска политика. Ваква злоупотреба на институциите и медиумите не е видена во ниту една европска држава. Ваквиот јавен линч е најдобар доказ дека предметот е политички монтиран со една единствена цел, а тоа е отстранување на Никола Груевски од јавниот живот и заплашување на сите кои би помислиле да се спротистават на криминалниот картел – се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

Од опозициската партија бараат Секторот за внатрешна контрола на МВР и Народниот правобранител да утврдат како што велат кој бил режисерот на медиумската хајка и кој им дал информации на новинарите во кое време полициски единци ќе бидат пред домот на Груевски. Ако случајот нема инситиуционална разрешница од ВМРО ДПМНЕ велат дека за овој како што го нарекоа скандал ќе ги информира своите меѓународни партнери.