ВМРО-ДПМНЕ: Ни рекордната загаденост на воздухот не може да го покрие криминалот на улиците од владеењето на СДСМ

Дури ни рекордната загаденост на воздухот и ПМ честичките не можат да го покријат криминалот на улиците како последица на владеењето на СДСМ. Црнилото во кое СДСМ ја втурна државата резултира со зачестени вооружени пресметки, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека нерасчистени убиства, кражби и физички пресметки станаа секојдневие за граѓаните на Република Македонија.

-Криминалната власт на СДСМ повеќе не може да ја гарантира безбедноста на граѓаните ниту во нивните домови затоа што со улиците владеат криминалци, лихвари и насилници. МВР со СДСМ и Оливер Спасовски стана синоним за корупција. Тие наместо да се борат против истата и да го одржуваат редот и мирот во државата се занимаваат со матни зделки и сомнителни тендери. Наместо заштитници на граѓаните станаа заштитници на криминалците. Со СДСМ и Спасовски, Република Македонија секојдневно се повеќе тоне во криминал. Стотиците криминалци кои ги пуштија на слобода сега дивеат по улиците. Зачестија грабежите, убиствата, вооружените пресметки, а секој граѓанин стравува дека може да биде застрелан по улиците, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека убиецот на Мартин Јанушев е се уште на слобода и прашање на време е кога уште еден недолжен граѓанин ќе стане негова жртва.

-Граѓаните на Република Македонија наместо заштита добија убиства, престрелки, кражби запалени автомобили на секој чекор. Македонските граѓани сакаат власт која ќе се грижи за редот, мирот и безбедноста, а не Влада која го заштитува криминалот. Оливер Спасовски докажа дека е најнеспособниот министер за внатрешни работи и симбол за политички прогон. Граѓаните стравуваат за своите животи и животите на своите најблиски и нивната иднина. Затоа Оливер Спасовски мора веднаш да си поднесе неотповиклива оставка. Црнилото кое ја зафати Република Македонија со СДСМ мора да заврши што поскоро, се наведува во партиското соопштение.