ВМРО ДПМНЕ на протестен марш против погубните политики на власта: Опозициска револуција во одбрана од економското и национално разнебитување

Оставка од власта побараа граѓаните денеска на протестот организиран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред Владата на Република Македонија. Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, говореше за моменталната економска состојба во државата, за како што тој кажа лагите кон народот и праша дали на власта не и е срам од луѓето кои и го дале гласот.

-Ќе димензионираат трета година економија во Република Македонија, ќе димензионираат 3,2 проценти, па каде ви се тие пет проценти. Така го лажевте ли народот или ви беше битно да дојдете до фотелјите за да можат тендерите да врват? А за да ви врват тендерите го поништивте Советот за Јавни набавки. За да можете во четири очи да го пљачкосувате и крадете македонскиот народ. Па нели ви е срам за тоа луѓето ви го дадоа гласот, праша Мицкоски.

Мицкоски кажа дека оваа власт национално ја уништила државата, но и порача дека нејзиниот крај ќе дојдел на следните избори, без разлика дали предвремени или редовни.

-Се обидовте да направите Македонецот да биде рамнодушен, но ние тоа нема да ви го дозволиме, ние ќе застанеме еден до еден сите, заедно со сите граѓани, без разлика на вера, без разлика на нација против вас. И ќе ви го покажеме вашето место во историјата, на темната страна на историјата, порача Мицкоски.

Мицкоски говореше и за она што се случуваше пред точно една година, кога во 5 часот наутро се апсеа симпатизери и поддржувачи на протестите ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА, а апсени беа и опозициски пратеници.

-Ќе дојде денот кога ќе одговараат сите до еден. Убиства ни се случуваат по улиците во главниот град, брутални убиства по чикашки методи од почетокот на деветнаесеттиот век. Но нема ниту луѓе пред судовите, ниту сторители на тие настани. Каде е сега министерот за внатрешни работи да излезе и да каже? Или полесно му беше да ги апси пратениците од опозицијата? Или можеби му беше полесно да прати вооружени припадници на МВР да го заобиколат штабот на ВМРО-ДПМНЕ, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните порача дека црнила и темнина надвладеале над државата, но дека тие се тука да стават крај на ова владеење. Мицкоски кажа дека битката ќе биде тешка, но дека тие нема да се откажат се додека оваа власт не заминела.

Матеја Петровски