ВМРО-ДПМНЕ: Наместо конкретни решенија, СДСМ нуди празни флоскули за загадувањето

Неспособната, неодговорна и криминална власт секојдневно ги завива во црно граѓаните.

Зоран Заев и Петре Шилегов не превземат апсолутно ништо да го сочуваат здравјето на граѓаните од загадениот воздух.

Скопје и Македонија се апсолутни рекордери по загаденост на светски рамки. Државава е во друштво на земји како Пакистан и Бангладеш.

Граѓаните секојдневно се соочуваат со сериозни последици врз нивното здравје, особено хронично болните, децата и постарите.

Зоран Заев и Петре Шилегов не реализираа ниту еден проект за подобрување на квалитетот на воздухот. Додека беа во опозиција ветуваа дека по смената на власта воздухот ќе се подобри магично. Еве и речиси после 2 години не знаат кај тераат. Не помагаат ниту информациите кои доаѓаат од светските институции и од невладините организации кои тврдат дека на оваа власт не и е приоритет да го реши проблемот со загадувањето на воздухот.

Неодговорноста на оваа црна власт нема граници. До нив не допира ништо. Не допираат ниту анализите на реномираните универзитети низ светот каде кажуваат дека со загадувањето на воздухот се намалува просечниот живот на човекот за скоро две години.

Десетици граѓани дневно завршуваат на лекар и ги полнат скопските клиники токму поради проблемите со здравјето настанати од загадениот воздух.

Во Македонија, според Светската здравствена организација на годишно ниво умираат околу 3000 луѓе поради лошиот квалитет на воздухот. Но и ваквите податоци не ги загрижуваат СДСМ и Зоран Заев.

Тие имаат пари и наместо да најдат начин како да се справат со загадувањето тие трошат милиони за луксузирање. 7 милиони евра ќе дадат за луксузни автомобили и мебел, 1,6 милион евра за лубриканти, а само 1,5 милион евра за борба против загадувањето. Ова е апсурд од невидени граници.

Наместо да излезат со конкретни решенија поради проблемот со енормното загадување црната власт во јавноста излегува со празни флоскули и нови лаго кои немаат никаков бенефит за граѓаните.

Министерот Садула Дураку вели дека не му е гајле за тужбите што ги спремаат граѓаните против државата. Петре Шилегов продолжува со неговите непромислени политики додека Зоран Заев ниту едно ветување за почист воздух не исполни.

Црната власт на СДСМ неодговорно се постави кон граѓаните и ги изманипулира.

Граѓаните не заслужуваат никој да ги завива во црно нивните судбини.

СДСМ мора да си замине.