ВМРО-ДПМНЕ: Корупцијата метастазира насекаде, посебно во органите на прогонот и оние што треба да го спроведуваат законот
Македонските институции се заробени во канџите на власта и во нив царува криминал и корупција, алармира опозициската ВМРО ДПМНЕ. Најголемата опозициска партија предупредува дека институциите кои треба да го спроведуваат законот и да го санкционираат криминалот не функционираат и се заробени од структури во власта предводена од СДСМ и ДУИ. Последниот случај со функционерите од ДУИ според најголемата опозициска партија само покажува колку бескомпромисно власта злоупотребува а функционерите се богатат:
- „Во моментов најактуелно е дека има пораки од странските дипломати, има еве еден функционер на ДУИ, градоначалникот Рамиз Мерко веќе на црната листа на САД заради криминал и корупција. Видовме дека неколку предмети биле ставени во фиока кои што се работеле во ЈО, не биле спроведени понатака да дојдат до самиот финиш за да има одговорност за она што го направил. Гледаме дека е актуелно и семејството на Артан Груби како сериозно се збогатува, се здобива, се стекнува со сериозен имот, а не приложува воедно потекло на истиот тој имот.“, појасни портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, кој го спомена и семејството на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, за кое вели дека енормно се богатат без да го докажат потеклото на имотот.
Од ВМРО ДПМНЕ предупредуваат дека неконтролираниот организиран криминал и корупција се главната пречка на Македонија на патот кон ЕУ:
- „Сакам да потенцирам дека ниту промена на Уставот на Македонија, ниту било што друго не е вистински проблем или пречка на патот на евроинтеграциите на Македонија, туку главен проблем и главен предизвик на оваа држава на патот кон ЕУ е токму борбата против организираниот криминал и корупцијата. Ова е нешто што на дневна основа доаѓа како информација како од безбедносни структури со кои што ние сме соработувале во минатото, така и од меѓународни дипломатски претставници. Се друго е замајување на јавноста, дефокусирање на јавноста од вистинскиот проблем на оваа држава, а тоа е високиот степен на корумпираност на општеството“, истакна Наќе Чулев.
На трибината под наслов „Корупцијата и криминалот приоритет на власта на ДУИ и СДСМ“ свое обраќање имаше и пратеникот Дајанчо Ефтимов, кој што порача дека решение за криминалот и корупцијата во моментов не може да има, затоа што правосудниот систем е руниран и девалвиран, поради тоа што некомпетенти и нестручни кадри доаѓаат на функции за да исполнуваат нечии агенди, а се контролирани од власта СДСМ и ДУИ.
Никола Цветкоски