ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Пендаровски наместо правда промовираат монтирани процеси

Заев и Пендаровски наместо правда промовираат монтирани процеси, политички реваншизам и нарачани пресуди. На тој начин се обидуваат да рашират страв и да го свртат вниманието од криминалот во кој што заглавија – ова се вели во денешното соопштение за јавноста на ВМРО-ДПМНЕ посветено на состојбите во правосудниот систем во државата.

Од партијата велат и дека СДСМ уништил се што значи право и правда, две години се кршеле уставот и законите, неправото станало пракса, а правосудните органи алатка за прогон на политички неистомисленици.

211 години затвор за обвинетите за настаните од 27-ми април се врв на политичкиот реваншизам. Професионалци и искрени патриоти се судат за дело кое не го сториле. Се кршат нивните човекови права и се злоупотребува институцијата притвор, само да се понижат и заплашат. Власта делува надвор од правото. Ниту делото за кое ги обвини Русковска обвинителството, а ги осуди Кацарска судството го сториле, ниту пак притворите кои им ги определија се правно издржани.

Случајот 27-ми април е инквизиција на 21 век, незабележан во модерна Европа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Неправото и кршењето на законите мора да запре. СДСМ и нивните пулени кои го имаат окупирано системот мора да си заминат. Единствен начин за тоа е победа на претседателските избори на Гордана Силјановска Давкова, што ќе биде причина за распишување на предвремени парламентарни избори за пад на СДСМ“, стои во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.