ВМРО ДПМНЕ: Заев без консултации со опозицијата насилно турка попис на матични броеви

Дали пописот ќе претставува исплаќање на долговите кои СДСМ ги има кон своите коалициски партнери ДУИ, за победата на претседателот Стево Пендаровски на последните претседателски избори? За вакво нешто обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека одржување на попис со предлог законското решение како што е сегашното е спротивно на меѓународните препораки, нема да ја прикаже реалната бројка, а предупредуваат и дека може да ја доживее судбината на референдумот за промена на името.

-Не може да се направи попис кој што е резултат на политички пазар, не може да се направи попис на кој што граѓанин ќе каже матичен број и оној што ги знае матичните броеви на дел од неговото семејство да кажува, и на тој начин да биде спроведен попис. Пописот, оваа власт мора да разбере дека попис не може да биде резултат на политички пазар меѓу партнерите во власта, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пред неколку дена изјави дека се погласни се шпекулациите дека меѓу двата изборни круга за претседателските избори, имало средба меѓу Заев и Али Ахмети, каде било договорено еден вид политичко редифинирање на Македонија. Од власта пак се уште ниту потврда, ниту демант за ваквата изјава. Од опозицијата велат дека премиерот мора дa даде одговор, поради туркањето на пописот според нив вон сите стандарди.

Од власта пак велат дека спроведувањето на пописот е многу важен за општеството и нормално функционирање на државата. Но дали ќе има лидерски средби за приближување на ставовите меѓу власта и опозицијата, од СДСМ велат се уште не се знае.

-Пописот сите политички субјекти во државата треба да го сфатиме како насушна потреба за граѓаните и за нормално функционирање, на ниту еден начин не смееме да го политизираме процесот на попис на населението. Секако оставаме можност, но ќе оставиме и време кога ќе се донесат одлуките за евентуални лидерски средби доколку се донесе одлука да се донесат, вие медиумите ќе бидете навремено запознаени.

На пописот во април идната година Статистика сепак ќе ја попишува и дијаспората, а за тоа ќе бидат обезбедени и посебни поволности. Оние кои нема да бидат во Македонија, за нив податоци ќе можат да достават блиски роднини, а ако не биде искористена оваа опција, еден месец порано од закажаниот попис ќе можат да ја користат и веб апликацијата на Статистика.

Матеја Петровски