ВМРО-ДПМНЕ до европската тројка: Ние сме за ЕУ, но не за уставни измени

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во партиското седиште ги прими министрите од „Вајмарската тројка“ Ана Лирман, министерка за Европа на Сојузна Република Германија, Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Француската Република и Шимон Шинковски вел Сенк, министер за европски прашања на Република Полска
На средбата, како што соопштија од партијата, домаќините истакнале дека недвојбено се залагаат за членство на Македонија во Европската Унија – со силно зачуван и зајакнат идентитет, јазик, култура и вредности, но и дека уставни промени во околности на политички диктат од соседството се неприфатливи.
„Улогата на соседите треба да биде улога на поддршка на нашите европски интеграции, а не негирање на македонскиот национален идентитет. Опозицијата воопшто не беше вклучена во преговорите кои резултираа со ултиматуми и барања кои отстапуваат од европските вредности и принципи. Оттука, за да се заштити процесот на пристапување од билатерализација, односите мора да се базираат на Копенхашките критериуми со взаемна почит, поддршка и соработка. Гостите беа информирани и за високото ниво на корупција во државата, за криминалот на високите ешалони во владата на СДС и ДУИ, како и за катастрофалните политики во секој сектор во државата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по средбата.
Европската министерска тројка денеска ќе бидат во посета на Собранието. Лирман, Бун и Шинковски вел Сенк ќе имаат средба со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координаторите на Пратеничките групи.