ВМРО-ДПМНЕ го одби премиерот: Лидерска да, ама за економската или енергетската криза

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште пред да ја добие поканата за лидерска средба, категорично ја отфрли. Според лидерот на партијата Христијан Мицкоски, лидерска средба е потребна, но ако на неа се разговара за поважни прашања кои ги засегаат граѓаните како што се енергетската и економската криза.

Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат, како што е промена на Уставот, па ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па ќе зборуваме за нешто што е веќе познато и константа во јавноста, тогаш се лаже, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ јавноста го знае, тој е непроменлив, константен дека под овие околности промена на Уставот нема, рече Мицкоски 

ВМРО-ДПМНЕ освен за енергетската криза, причина за одржување лидерска средба гледа и во можно одредување датум за предвремени парламентарни избори, нешто со кое владината коалиција не се согласува.

Според најавата на владината служба во која стои дека ќе се зборува „за одлуките кои во иднина ќе треба да се носат со широк концензус“ извесно е дека тема ќе бидат претстојните уставни измени кои се главен услов за отпочнување на процесот преговори со Европската Унија. И не само внесување на Бугарите во Уставот, по се изгледа ќе се разговара и за бришење на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 oтсто од граѓаните“. Интересно е тоа што оваа покана доаѓа во исто време кога опозициските партии од албанскиот политички блок исто така побараа средба со сите партии. Нивниот став е јасен – би поддржале уставни измени само доколку формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20% од граѓаните“ се замени со „албански јазик“.

На прашањето како ја коментира изјавата на вицепремиерот Груби дека имаат 80 пратеници за уставните измени посочи дека ако се толку сигурни, да поднесат иницијатива да ја поднесат во парламентот.

-Одлично супер, нека ги поднесат предлог иницијативата во парламентот и ќе види дали имаат или немаат, зошто тогаш лидерски средби за уставни измени ако имаат 80 пратеници. Мислам дека господинот Груби има поинаква намера, но јас му посакувам многу успех во неговата политичка кариера и сепак државниот интерес е пред и над се, тука го вклучувам и личниот интерес, некогаш во животот треба да направите и чекор два назад, рече Мицкоски.

Премиерот и минатата недела ги повика политичките партии да седнат на маса и да најдат заеднички јазик за европската иднина на Македонија, посочувајќи дека е потребно да се разговара за уставните измени за да се дојде до решение што ќе  биде прифатливо за сите.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста