ВМРО-ДПМНЕ: Брутална измислица на власта е дека Мицкоски ја покачил струјата

Владејачката СДСМ го обвинува Мицкоски дека во време на неговото директорување ја поскапел струјата. Од ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека енергетската криза и поскапоувањето е резултат на криминалната и неспособна влада предводена од премиерот.

Брутална е измислица на власта дека Хрисијан Мицкоски ја поскапел струјата, зашто тој во тоа време купуваше за 40% поевтина струја, за разлика од сега, кога премиерот Димитар Ковачевски купува за 30% поскапа струја, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Потсетуваат дека домашното производство на струја во време на СДСМ, односно сега, е намалено за 3 терават часови.

  • Енергетски капацитети во моќност од 400 до 500 мегавати стојат неискористени, затоа што не се направени навремени откривки на јаглен и не се подготвени соодветно за надоаѓачката криза.
  • Компаниите во Македонија сега плаќаат и до 800 евра за мегават-час, што е поскапо од сите компании во регионот, со што стопанството губи над 1 милион евра дневно плаќајќи вакви цени.
  • Сега народот плаќа 50% поскапа струја, а фирмите и до 400% повеќе во однос на лани.

Од опозицијата потсетуваат и дека со увозот, власта овозможува профити на трговци, кои за неколку дена заработуваат и до 600.000 евра, а „ЕСМ“ и „МЕПСО“ станаа најголеми загубари во државата.

Од СДСМ обвинуваат дека Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ наместо да помогнат и одмагаат на државата.

  • Мицкоски како директор на „ЕЛЕМ“ набавувал струја по цена 3-4 пати повисока од пазарната. Во негово време цената на струјата е покачена за 100% Ова се случувало во време кога немало никаква криза. А сега кога светот е во голема економска и енергетска криза Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ седат на страна, кочат, блокираат, одмагаат наместо да им помогнат на граѓаните, на државата.

И додека политичките партии си ја префрлаат топката кој е виновен за поскапата струја, сиот товар паѓа врз грбот на народот.

Од 1 септември во земјава е прогласена енергетска кризна состојба. Па така, државната „ЕСМ“ веднаш доби дополнителни 50 милиони евра директно од државниот буџет, откако предходно министерството за финансии зема кредит во истата вредност и тоа од домашна банка. Парите треба да бидат наменети за „ЕСМ“ да го зголеми производството и да купи јаглен и мазут.

Борис Грујоски