ВМРО ДПМНЕ бара оставка од Kовачевски, СДСМ сака да покаже победа оти подале рака кон Мицкоски
Опозицијата и денеска го повикува премиерот да си поднесе оставка во пресрет на седницата на централниот одбор на СДСМ. Наместо Димитар Ковачевски да држи состаноци, за предлози кои претходно ги одбил, треба да си замине – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски. Според него, партијата на Ковачевски се борела ДУИ да остане на власт бидејќи она што ги држело заедно се бизнисите и криминалот.
Чудно е што Ковачевски денеска држи состаноци за предлози што претходно ги одби што е доказ за негова погрешна проценка. Би требало да поднесе оставка и заради тоа и заради сите кризи што во коишто ја втурна Македонија. Нервозата е во СДС затоа што ДУИ оди во опозиција и дел од разумните во таа партија знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе води бескомпромисна борба со криминалот во сите редови. Ако не грешеле не треба да се нервозни. Очекуваме Ковачевски да си поднесе оставка. Но, најмногу зачудува тоа што самодекларирани патриоти всушност сега се борат ДУИ да остане на власт, а Македонците да се поделени – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Владејачката СДСМ е убедена дека, фактот што подале рака кон ВМРО-ДПМНЕ покажува дека се победници. Вечерва ќе заседаваат партиските тела а главна тема ќе биде во која форма ќе продолжат разговорите со ВМРО-ДПМНЕ.
Заеднички да се радуваме на сето она што претстои и што е потребно да се направи за европскиот пат на државата. Одложеното дејство на уставните измени за нас е прифатливо до одржувањето на втората меѓувладина седница, тоа го има и во преговарачката рамка, така што на вечерашната седница на ИО и ЦО на СДСМ ќе се дискутира и конкретно за начинот и продложување на дискусиите и разговорите со ВМРО-ДПМНЕ. Важно е во овој момент да покажеме дека можеме заеднички да продолжиме напред и важно е да го поддржиме европскиот пат на државата, затоа што тоа им го должиме на граѓаните, нагласи порпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.
Лидерската средба во средата иако беше без договор, ги отвори картите и можноста Ковачевски и Мицкоски да се најдат на пола пат. Премиерот му понуди на Мицкоски влез во коалицијата ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаат за уставни измени. Мицкоски, пак, понуди услов, ДУИ да излезе од коалицијата а уставните измени да почнат да важат кога Македонија ќе влезе во ЕУ.
Адријана Алексиеска