ВМРО-ДПМНЕ: Бараме оставка и утврдување на деловната способност на Ковачевски

Димитар Ковачевски треба да се повлече од функцијата, тој не само што дезертирал туку и не е искрен, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски додава дека премиерот во рок од неколку месеци излезе со две различни оправданија зошто не бил дел од Армијата.

– „Затоа што во јавноста се појавија две контрадиткрони тврдења. Најпрвин како оправдание го користеше своето образвоание. Дека го завршил факултетот па се запишал на пост-дипломски студии. По што воениот рок не бил веќе задолжителен. За по неколку месеци потоа да каже дека имал медицински пречки и не можел поради хируршки интревнции да присуствува. Факт е дека дезертирал. Ја сум помлад три години од него. И јас магистрирав, па како магистар се пријавив доброволно во 2004 година и го отслужував воениот рок во гардискиот баталјон“ – Изјави Мицкоски.

Од опозициската партија денеска побараа и кривична одговорност за Димитар Ковачевски, зашто, според ВМРО-ДПМНЕ, тој со лажење ја избегнал законската обврска за служење воен рок. Сметаат и дека мора да и се извини на јавноста бидејќи, како што велат, тој станал премиер правејќи се трајно неспособен тогаш кога државата го барала и кога и бил најпотребен.

– „Ги повикуваме надлежните институции веднаш да поведат постапка за утврдување на деловната способност на премиерот на Македонија и со истата веднаш да биде запознаена јавноста. На трајно неспособни или лица кои лажеле за да избегнат служење на сопствената држава, не може да им бидат доверени највисоките државни функции и истите мора да одговараат и кривично доколку со лажење избегнале законска обрврска.“ – Истакна Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ и денеска без конкретен одговор на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија, преку соопштение, велат дека овој скандал бил само дефокусирање на јавноста.

– „Мицкоски во јавноста го пушта Драган Ковачки, дезертер од Армијата и лице кое пред неколку години добило кривична пријава за фалсификување исправа. Ете колку е очаен Мицкоски. Негови соработници со сомнителен кредибилитет излегуваат во јавноста да шират невистини со цел да го дефокусираат вниманието.“ – Напишаа од СДСМ.

Министерството за одбрана индиректно ја потврди автентичноста на белешката во која за Димитар Ковачевски пишува дека е трајно неспособен, а кој исплива на социјалните мрежи, откако соопштија дека била објавена воена тајна односно строго доверлив документ.
Премиерот, пак, во рок од неколку месеци излезе со контрадикторни оправданија, сега вели дека во 2001-та имал хируршка интервенција, а пред неколку месеци тврдеше дека не бил дел од АРМ зашто студирал и магистрирал.

Никола Цветкоски