ВМРО-ДПМНЕ: Ако е историја зошто власта ќе слави зад затворени врати во Клубот на пратеници

По завршувањето на меѓувладината конференција во Брисел, претставниците на македонската Влада ќе присуствуваат на затворена прослава во Клубот на пратеници – тврди опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според пратеникот Милошоски, ако власта не се плаши од, како што вели, предавството што го направи, ќе прославува на Плоштад заедно со народот.

Доколку ова денеска е историски ден, откако ќе се вратат од Брисел премиерот Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ, нека одат на плоштад и нека го повикаат народот на заедничка прослава, а не да одат во Клубот на пратеници на затворена прославаизјави пратеникот Антонио Милошоски.

Во Брисел преговорите ќе почнат само за Албанија, но не и за Македонија. Власта ќе се врати дома да ги исполни уцените и барањата од Бугарија, вели Милошоски, а состанокот во срцето на Европската Унија е само свечен ручек и фотографија. Македонија после ова, според него влегува во лавиринт каде што историјата и минатото ќе бидат многу поважни од сегашноста и иднината.

– Во Брисел денеска имаме две држави, од кои што едната Албанија реално ќе ги започне преговорите со отворање на реална меѓувладина конференција и Македонија која што ќе има свечен ручек и фотографија и нема да ги започне преговорите, туку ќе се врати дома за да ги исполни уцените и барањата од Бугарија како предуслов за некогаш по година, две или покасно да ги започне преговорите со ЕУ, изјави Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ стои на ставот дека нема да поддржи менување на Уставот, за што министерот за надворешни работи е убеден дека тоа ќе се случи многу наскоро, бидејќи овој процес е услов за втората меѓувладина конференција. Тоа што нема да се исполни обврската која предвидува внесување на Бугарите во Уставот, според Милошоски ќе доведе до политичка криза и предвремени парламентарни избори.

Опозицијата претходно најави иницијатива за Референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за сите прашања поврзани со евроинтеграциите, односно патот кон Европската Унија. Како точно ќе гласи прашањето, дали ќе се однесува на целиот француски предлог, со протоколот и промената на Уставот, или поединечно, ќе покажат консултациите со правни и уставни експерти кои ги најави ВМРО-ДПМНЕ.

Адријана Алексиеска