Влошената безбедносна состојба причина Прилеп да биде вклучен во проект против екстремизам

Зачестените групни тепачки, палењето автомобили на локални функционери, крајно нарушената општа безбедност на граѓаните заради дивеењето на одредени криминални и нарко-структури во изминатата година, Прилеп го ставија меѓу петте пилот-општини во земјава во кои од лани се имплементира проектот „Зајакнување на отпорноста на локалните заедници во Македонија кон насилен екстремизам“.

– „Според досегашните искуства и еволуацијата на работата за формирање на акциските тимови во зедницата, докажуваат дека акциските тимови се најефикасниот метод за справување со насилниот екстремизам во државата и во имплементацијата на Националната стратегија на локално ниво“ – вели Пајтип Саити, проект-менаџер на Центарот за заедничка основа од Скопје.

Загрижувачкиот тренд на екстремното насилство во различни облици на глобално ниво, вклучително и на тероризмот, но и на булингот кој во последно време зема застрашувачки замав, особено меѓу врсниците и учениците, мора да се превенира уште од најрана возраст кај децата на локално ниво, велат од општина Прилеп, каде акциски тим веќе го спроведува акцискиот план, а чија цел е преку адекватна едукација, превентивно да му се застане на патот на насилното екстремно однесување кај децата и младите.

– „Ова е трета активност која што ја реализираме во Прилеп. Организиравме спортски натпревар помеѓу четири училишта, за запознавање, односно за меѓутеничка интеграција и со тоа сметаме дека како акциски тим во зедниците со тоа се намалуваат предизвиците и создавањето на тој насилен екстремизам. Втора активност беше приредување изложба на ученици кои што изработија слики во оваа насока, и ова е веќе трета активност, донација од 17 креветчиња за најмалите, за децата со атипичен развој“, – истакна Дејан Проданоски, претседател на Совет на општина Прилеп.

Од 2019-та година до сега, освен во Прилеп, вакви акциски тимови се формирани и во општините: Чаир, Кичево, Гостивар и Струга. А според новата стратегија за 2023-2026 година, интенција било да бидат опфатени сите општини во Македонија. Проектот е финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Каролина Дурло

Advertisements