Властите ќе ја чекаат новата грејна сезона за да ги видат ефектите од мерките против аерозагадувањето

Со затоплувањето на времето македонските градови, пред се Скопје и Тетово повеќе не се на врвот на листите најзагадени во светот, но дали кога повторно граѓаните ќе мораат да ги затоплуваат домовите ситуацијата ќе остане иста или повторно смогот ќе ги задушува овие градови, за власта останува непознато. За да видиме ќе треба да почекаме да дојде октомври, кога ќе започнат мерењата, вели заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.

Тој во интервју за „Радио Слободна Европа“ вели дека тогаш ќе се знае дали со плод вродил Планот за чист воздух за 2019 година, за кој Владата одвои само 2 милиони евра, средства за кои граѓанските активисти подолго време предупредуваат дека се премали.

-Се покажува дека од домашното затоплување, бидејќи го нема и од менувањето на климата, немаме сега загадување, освен еден ден, на пример во месец април кај ректоратот од градежни активности и сообраќај, само тој ден има надминување. Допрва ќе ги видиме ефектите кога ќе почнат мерењата од октомври и од грејната сезона, изјави Макрадули.

Иако, загадувањето на воздухот е еден од најгорливите проблеми со кој државата се соочува подолг период, Макрадули вели дека тек после изборите ќе се распише оглас за инсталирање инвертер клими во повеќето јавни институции.

-Заради изборите чекаме да помине 5 мај и да се распише повикот за инверторите кои ќе ги инсталираме во повеќе јавни институции, пред сè градинки, основни училишта и здравствени домови, изјави Макрадули.

Според Светската здравствена организација, смртноста од последици од загадениот воздух во Македонија е над 125 лица на 100.000 жители, повеќе од двојно повисока од европскиот просек, кој е 60 прерани смртни случаи годишно на 100.000 жители.

Матеја Петровски