Власта ќе крати плати на административците – Синдикатите бесни

Наместо зголемување, кратење. Власта најде рецепт за справување со последиците од кризата. Ќе се намалуваат платите во администрацијата за 10%. Одлуката падна на владина седница, а планот допрва ќе се спроведува. Власта очекува преку оваа мерка да се заштедат околу три милијарди денари од парите предвидени по овој основ за 2023 година.

„Се предвидува консолидација на расходите за плати и надоместоци, преку намалување за 10% во однос на планираните средства за 2023-та година. Очекуван е фискален ефект (заштеда) околу 3 милијарди денари, во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи.“ – Соопштуваат од владата.

Синдикатите се бесни што државата планира да крати онаму каде што е најтенко. Реагираат дека на работниците им се потребни повисоки, а не намалени плати.

– „Јавно порачуваме да не помисли некој во ваква економска криза да намалува плати. Ние очекуваме зголемување на платите. Таа методологија што ја најавува владата и она веќе усогласување што треба да се направи, не е направено, а сега размислуваат за намалување. Ние си остануваме на ставот. Во оваа економска криза, мора да има покачување на плати, бидејќи ова е веќе неиздржливо што се случува. – Истакна Маријан Ристески, претседател на Конфедерација на синдикалните организации на Македонија.

Премиерот Ковачевски пак се правда. Вели, во јавните претпријатија и државните акционерски друштва ќе се кратело, но само од оние плати кои биле далеку над просечната.

– „Постојат претпријатија, постојат и институции во кои што се креираат загуби, коишто загуби треба да се покријат од буџетот, затоа сметвме дека и менаџмент тимовите на тие јавни претпријатија, треба да бидат на високо одговорно ниво и треба да ги намалат трошоците на своето работење и да ги зголемат приходите на компаниите кои што ги водат. Еден од начините за намалување на трошоците, таму каде што има плати кои што се далеку над просекот, сметам дека во една ваква криза треба да се намалат.“ – Одговори премиерот Ковачевски.

Во владата не планираат да застанат само со кратење на платите кои се на товар на буџетот. Планот за штедење ги опфаќа и субвенциите, како и социјални надоместоци кои треба да се намалат за 20%, со што државата планира да заштеди дополнителни 3 милијарди денари.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста