Власта ја губи енергијата за Бугарија-ќе има ли одговорност ако во јули нема датум?

Ако до пред само еден месец оптимистички најавуваше дека разговорите се движат во добра насока и можно е решение, министерот за надворешни работи Бујар Османи ја менува реториката – власта нема енергија за исцрпувачки преговори до недоглед со Бугарија. Им постави рок на Радев, Петков и Генчовска дека јуни и крајот на летото ќе биде рокот до кога може да го блокираат интегративниот пат на Македонија. Ако преговорите пропаднеле тоа немало да значи и непочитување на Договорот со добро соседство или смрзнување  на односите. Сепак Османи не кажува дали некој од власта ќе понесе одговорност за таквиот неуспех.

-Можеби ова е единствената и последна шанса за да се спасат односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, затоа што понатаму Владата ќе има се помалку и се поразредена политичка енергија, но и целото општество да се посвети на едно прашање кое што троши и политичка енергија, но се разбира ги троши и граѓаните во овие континуирани циклуси на надежи и на фрустрации, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Откако и опозицијата јавно побара македонските челници да бараат гаранции од официјална Софија дека нема да испорачуваат нови барања, Османи потврдува дека јасен документ испартен до Бугарија не постои, но се правда дека се што досега било разменето со Бугарија било во насока на барање гаранции …Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ вели дека власта продолжува да ја манипулира јавноста, преговорите нема да почнат додека сите бугарски барања не бидат ипочитувани и тоа да влезе во преговарачката рамка.

-Османи продолжува да не ја говори вистината и да го манипулира народот, бидејќи тоа што го слушаме од Софија е дека сигурно ќе нема преговори. Единственото нешто кое што може да се случи е да се случи прва меѓу владина конференција, кажа претседателот Мицкоски, како дел од одговор на прашање за изјавата на Бујар Османи

Но дали власта го најавува се поочигледниот дебакал кој не очекува следниот месец на Европскиот Самит, кога Македонија според фактичката состојба најверојатно повторно ќе добие студен туш од Брисел… Роковите кои во последен момент ги наметнува Скопје се кратки со оглед дека и во случај Бугарија да даде гаранции, нема да има доволно време за целата постапка да го помине законскиот филтер преку Бугарското Собрание. Но додека се чека одговор од Софија, Македонија се врти кон интензивен стратешки дијалог со Вашингтон. Османи кој го најави првиот состанок за 2 јуни вели дека ова не требало да се гледа како алиби доколку повторно извисиме за ЕУ. Сепак се пофали дека Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе одржи стратешки дијалог со САД.

Ивана Соколовиќ Најдова