Власта удира по бизнисот – нови повисоки давачки наместо мерки за поддршка

Владата не можеше да одбере полош момент за да ги зголеми давачките. Бизнисмените бесни по најавата за даночни реформи што ќе вклучат не само зголемување на даночните стапки, туку и воведување нови оптоварувања за фирмите. Стопанствениците револтирани – поради пандемијата и енергетската криза се на работ на опстанок, а државата сакала на нивен грб да го полни испразнетиот буџет. Воопшто не сакаат да дебатираат за нови давачки. Велат, ако министерот Бесими сака да ги зголеми приходите во државната каса, прво нека си вработи инспектори и нека удри врз тие што нелегално работат. Во спротивно, и оние што уредно плаќаат даноци ќе се префрлат на црниот пазар. Сметаат дека не е фер со сива економија од 40% да се удри повторно врз плаќачите, а не врз оние кои на сите начини го изигруваат законот.

„За нас ова не се реформи, нема никакво олеснување, туку едноставно има нов товар или враќање н астариот товар на компаниите, даночни обврзници. За нас подобро е да се разговара и да се отвори широка дебата и ова нека биде порака, државата прво нека размисли сите оние закони кои на индиректен или директен начин поттикнуваат сива економија, поттикнуваа намалување на вработувања, поттикнуваа отпуштање на работници, поттикнуваа отворање нови бизниси кои беа поврзани со сива економија, со црниот бизнис, прво на тоа требаше да се осврнат“ – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.

Не само што ќе се зголеми сивата економија, туку и многу компании ќе стават клуч на врата и ќе поделат откази. Во ваков чувствителен момент, бизнисмените велат дека даночната политика не треба да се чепка. Ако сега некако успевале да се одржат на нозе, новите давачки би ги уништиле целосно. Поголемите фирми пак, веројатно ќе одлучеле да ги преселат бизнисите во соседните држави, а оние што ќе останат овде ќе бидат целосно неконкурентни на странските пазари. Не само што не сакаат нови двачки, туку бараат и елиминирање на дел од постојните.

„Не гарантира дека нема да има враќање на парафискалните трошоци кои директно или индиректно ќе бидат зголемени со самиото зголемување на даноците. Не само што ќе се затворат бизнисите, тие до одреден момент можат да ја издржат емотивноста на поврзувањето во нашата земја. Сите други земји околу нас бележат интензивирање на странските инвестиции и нашите бизниси можат да бидат странски инвеститори во окружувањето“ – вели Бошков.

Пред два дена министерството за финансии пред најголемите стопански комори предложило за хонорарците да се плаќа здравствено и пензиско осигурување, укинување на даночно ослободување по основ на реинвестирана добивка, одданочување на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност. Граѓаните и фирмите од следната година ќе почнат да плаќаат данок на штедните влогови во банките. Прогресијата во стапките кај персоналецот која требаше да се врати во 2023-та се одложува повторно. И додека бизнисите негодуваат, министерството за финансии сака да ги воведе даночните промени веќе од први јануари догодина. Засега Бесими не излезе со анализа за колку би се зголемиле приливите во буџетот, но и колку фирми ќе бидат загрозени поради неговите експерименти во даночната политика.

Тања Попова