Власта со сите сили по уставните измени- кога најрано според роковите може да дојде до промена на Уставот?

Според најкусите можни собраниски рокови, на власта и се потребни 106 денови или 3 и пол месеци за да ги изгласа уставните измени, од денот кога нивниот предлог ќе го достават до Собранието.

Од тука почнуваат да течат роковите, во првата фаза пред евентуалното изгласување дека има потреба од уставни измени, рокот за дебата во Собранието е 20 работи денови, максимум 10 во Комисијата за уставни прашања и максимум 10 на пленарна седница.

Ако со 80 гласа ЗА се изгласа потребата од менување на Уставот, се преминува на втората фаза- подготовка и утврдување на нацрт-амандманите. Од моментот на нивното доставување во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница. За утврдување на истите потребно е просто мнозинство од најмалку 61 глас, по што се оди во третата фаза.

Таму по јавната дискусија, чие времетраење го утврдува Собранието при усвојување на нацрт-амандманите, Владата ќе треба да ги изготви предлог-амандманите. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Деловникот предвидува точни рокови за претрес во Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, како и на пленарната седница. Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со најмалку 80 гласа, а за амандманот на Преамбулата освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.

Власта веќе јасно порача дека клучна цел за нив се уставните промени во текот на следната година, за што и најавија широка општествена дебата. Според познавачите иститите пораки од власта пристигнуваа и пред промената на пред промената на уставното име со Грција, за на крајот тие широки разговори да завршат со според нив купување на пратеници од опозицијата. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски за Алфа вели дека исто сценарио можеме да очекуваме и сега.

-Не треба да има дилеми дека власта ќе направи се во нејзина моќ да купи да плати, да преземе секакви нелегални чекори за да изврши уставни промени. Меѓутоа е кристално јасно дека е апсолутно не потребно и надвор од умот да се брза со било какви уставни промени, вели Никовски.

Широки дискусии власта најави и за францускиот предлог, а тие широки дискусии траеја еден ден кога прво беше одржан состанок со владината коалиција, па брифинг со новинарите, па невладиниот сектор во најголем дел претставен од отворени поддржувачи на власта. Според Никовски и сега можеме да го очекуваме истото. Сепак вели нејасно е зошто власта толку брза кога од ЕУ секојдневно ни стигнуваат пораки дека за проширување ќе мораме да чекаме и повеќе од деценија или две.

-Тоа е непобитен факт кој јасно ни го порачаа и францускиот претседател и германскиот канцелар, а најдиректно од Тирана премиерот на Данска. Според тоа тоа е факт дека ЕУ не е спремна и дека мора прво да се реформира за да како што самите велат да прими нови членки, вели Никовски. 

Предлог за пристапување кон измена на Уставот може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани. Доколку власта предлог уставните измени ги достави на пример на 10-ти јануари кога пратениците се враќаат на работа, најбрз можен рок за нивно изгласување е 26- ти април.

Матеја Петровски

Advertisements