Власта смисли етапно враќање на учениците во клупите

Училишните ѕвончиња оваа година останаа глуви. Учениците бараат да одат на настава, власта не дава.

Главната причина за училишта без ученици е корона епидемијата, со која живееме повеќе од шест месеци, но и инертноста на образовните и здравствените институции ,кои не го искористија периодот зад нас, и во ниту еден момент не покажаа цврст став – останаа само со идеи и без стратегија. Новата министерка за образование Царовска го повтори вчерашното ветување  нудејќи модел на комбинирана настава.

“Ги повикувам општините да ги известат родителите и наставниците да ги разгледаат понудите и протоклите и комбинираната настава. Владата формираше комисија која ќе проценува како ќе се одвива наставата”- вели Мила Царовска министер за образование.

И Министерот Филипче го понуди истиот модел – постепено враќање на учениците во училиштата.

Есенскиот период имаме ризик од други вируси. Наставата со физичко присуство мора да се одвива со протоколи, што ги изработи Комисијата за заштита од заразни болести“изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Обвинувања дека владата се уште нема стратегија за безбеден старт на учебната година пристигна и од опозициската ВМРО ДПМНЕ.

“Наместо старт на учебна година, добивме ученици кои со право протестираат и збунети родители. За скратена наставна програма веќе 6 месеци неуспешно се говори, а протоколите за учениците наместо навреме беа изработени со закаснување непосредно пред 1 септември.” – велат од опозицијата.

Дали денешната прес конференција на министрите Филипче и Царовска ќе го смени ставот на средношколците, тие вчера излегоа на улица – протестираа за да го искажат револтот против онлајн наставата. Велат дека доколку владата се одлучи за настава од далечина, тие ќе останат онлајн. Гласот го кренаа и родителите кои се противат на ваквиот начин на учење.

Ања Василева

Advertisements