Власта слепа за дивоградбите во заштитени подрачја и природните реткости

Министерството за Економија не гледа ништо спорно во дивоградбите на Нефи Усеини.
На новинарското прашање од Алфа до миниситерството за економија, дали посетата на Бектеши значи дека конечно ќе се превземат мерки за легално-спорните градежни објекти и зошто досега се уште не е превземено ништо? Оттаму не упатија да прашаме во министерството за транспорт и врски.

Ваквата реакција се должи по посетата на Охрид од страна на министерот за економија, Крешник Бектеши, кој воедно ја посети и пицеријата со диво-изградената тераса на Нефи Усеини.

Контраверзниот бизнисмен и советник од ДУИ, против кој има обвинение за напад со пиштол и истраги за две дивоградби, беше во улога на туристички водич за Крешник Бектеши, кого го прошета низ Охридските сокаци.

Во 2020та година Усеини доби кривична пријава за насилство, поради што избега, но, случајот се затвори откако нападнатиот ја промени својата изјава.
Усеини е познат и по тепањето на совеникот од БЕСА, Џемал Мена, дивоградбата кај Чинарот и бетонската база на брегот на езерото, кои беа наведени во негативните извештаи на УНЕСКО за Охрид и околината.

Новинарските истражувања за дивоградбите на Усеини во заштитениот дел од градот, резултираа со закана кон новинарите.

Бектеши беше на гости кај Нефи Усеини во Охрид и кај Рамиз Мерко во Струга за да ја промовира новата мерка и законска измена со која во туристичките региони ќе се направи исклучок на правилото за недела работен ден.

Во меѓувреме, министерот за транспорт, Благој Бочварски, го исполни аманетот на поранешниот премиер Зоран Заев, кој пред три години, на трибина лично се залоложи да се деблокира хотелот дивоградба во Лагадин, кој сега ќе се гради легално, откако од транспорт и врски официјално го известиле градоначалникот Пецаков за одлуката.

„Не може најлесно да биде ‘не’. Ќе најдат начин како да биде ‘да’. Затоа што баналноста на одговорот, дадено одобрение за градба, почнувате со градба на објектот, ви е готов и при контрола вика не сте информирале дека сте почнале со градба. Ако треба, ќе ја земам под раце Второстепената комисија и ќе дојдат тука и ќе го решиме до крај“ – Кажа Заев на трибина.

На хотелот дивоградба кај Лагадин, кој е најблиску изграден објект до брегот на езерото, претходно три пати му беше беше поништено решението за градба. Од невладината „Охрид СОС“, велат дека неговата легализација е спротивно на препораките на Унеско, се коси со постојните законски акти, па дури и со уставот на државата.

Инаку јавноста се крена на нозе и за дивоградбата кај трговскиот центар Мавровка која под притисок беше делумно урната, но потоа повторно изградена. Платформите на Матка никој не ги чепка.
Ова се само дел од спорните објекти за кои државата мижи.

Новинар: Никола Цветкоски