Странските инвестиции во минус

Пад на странските инвестиции. Бројките покажуваат минусно салдо. Директните странски инвестиции за девет месеци годинава, според податоците на Народната банка, изнесуваат 315,5 милиони евра. За еден квартал намалени се за 11,5 милиони евра.

Во јули приливот на странски капитал изнесувал 4,2 милиони евра, во август 22,7 милиони евра додека во септември е регистриран одлив на странски капитал од 31,3 милиони евра.

Во однос на истиот период лани, оваа година сепак се поголеми, но најголем број од нив се инвеститори кои со години наназад инвестираат во земјава, а чија добивка не се знае дали ќе ја инвестираат во Македонија, или парите ќе ги  вратат во земјата од каде што дошле.

Владата се фали дека нивото на странски инвестиции се зголемува, но она што боде очи е фактот што во ниту една од слободните економски зони не е изградена речиси ниту една поголема фабрика. Ваквата состојба е спротивна на владините ветувања дека во Македонија ќе дојдат индустриски гиганти.

Премиерот Заев вели интернет гигантите „Гугл“ и „Фејсбук“, ќе инвестираат во Македонија, ама откако земјава ќе станела дел од евроатланските организации, и посочи дека во првите два квартали странските директни инвестиции биле добри.

-Во однос на странските инвестиции, 327 милиони евра странски инвестиции во првото полугодие е дупло повеќе од лани, или трипати повеќе од просекот од последните три години. Странски инвестиции има во Република Македонија. Се надевам дека во блиска иднина ќе има странски инвестиции и од вакви големи компании како што се Фејсбук и Гугл. Наше е да се обидуваме да привлекуваме вакви инвестиции. Секако, ниту претходната, ниту оваа Влада не можат да кажат дека 100 отсто ќе успее секој преговор за инвестиција, изјави Заев.

Од опозицијата обвинуваат, велат наместо прилив по основ на странски директни инвестиции, има одлив.

-Во Република Македонија во 2018 година речиси и да нема нова странска директна инвестиција, додека истовремено фирмите од Технолошко развојните зони се воздржуваат од инвестирање и се повеќе ги враќаат кредитите од своите мајки фирми, а своите профити ги изнесуваат надвор од РМ. Премиерот Заев се пофали со добрите податоци по основ на СДИ во првиот квартал од 2018 година. Тој всушност се фали со еден поголем прилив од една поголема странска инвестиција во Технолошките индустриски развојни зони донесена во времето на ВМРО. Истата фирма која уплати и поголема сума во буџетот на РМ по основ на данок на добивка. Погубната економска политика на Владата на СДСМ навистина прави огромни штети во Република Македонија, наведува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Фејсбук статус.

А сиромашната реализација и на капиталните инвестиции не помога за да се подобри „економската слика“ на земјава. И покрај најавите на власта за подобрување на состојбите, и за капиталните инвестиции, бројките го говорат спротивното.