Власта се исплаши од народот – Нема да има прослава за „историскиот ден“

Само сино жолтото светло на Владата и на Министерството за надворешни сведочеше за она што власта сака да го претстави како историски ден за Македонија. Никаква свеченост, никаква прослава по првата меѓувладина конференцијата.

Во Брисел беа пресечени три торти – со македонското, албанското и европското знаме. Во Скопје само приватна прослава зад затворени врати во Клубот на пратеници.

Од Илинденска број 2 нема ниту најава дека ќе се одржи церемонија за како што велат отпочнувањето преговори по 17 години поминати во чекалната.

За разлика од Скопје во Тирана, уште рано утрото високо беше кренато европското знаме во знак на отпочнувањето преговори со Унијата. На свечена церемонија се обрати премиерот Еди Рама.

„Вашето присуство овде е повеќе од протоколарно присуство, бидејќи вие и институциите што ги претставувате директно придонесувате за изградбата на европскиот пат на Албанија. Подигнувањето на ова знаме денеска во седиштето на Кабинетот на премиерот го означува издигнувањето на Албанија на друго ниво, не само во односите со ЕУ, туку и во нејзината иднина, со слободи и права, безбедност и нејзин развој во секоја насока“ – рече Рама.

За разлика од денеска, кога со молк се слави првата меѓувладина седница, во 2018 година кога пред точно 4 години, на 14 јули 2018 година Македонија доби покана да стане 30-та членка на НАТО Алијансата, кусо по потпишувањето на Преспанскиот договор, тогашниот премиер Заев организираше забави во 15 градови во Македонија за да се прослави.

Тогашниот премиер Зоран Заев под мотото Одиме напред, Македонија во ЕУ и НАТО ја најави прославата и ги повика македонските граѓани да слават.

  • Поранешен премиер на Македонија

За славењето беа ангажирани 40-тина артисти кои ги забавуваа македонските граѓани со пари од државниот буџет, за што владата никогаш не кажа колку точно потрошила.

Викторија Миткова