Власта се закопа во дупката на рудникот Иловица – по контра-ударот на Бектеши, молк од министрите „жртви“

Владата се врза во чвор со Иловица. Откако Бектеши вчера им удри шлаканица на неговите колеги-министри од СДСМ дека не направил ништо лошо и дека целосно ја запазил процедурата за спојување на концесиите, тие без да навлезат во детали , само повторуваат дека рудник нема да има .  На прашањето од Алфа кој е  нивниот став по тврдењето на Бектеши дека материјали доставил на време, тие велат дека остануваат на својот став .

Не треба да има рудник во тој регион и треба да има ревизија на целокупната постапка, вклучително и на начинот на издавање на првата концесија и сите други активности кои следеле, ни одговори Министерката за одбрана Славјанка Петровска.

На иста линија е и Оливер Спасовски кој не ги коментираше изјавите на неговиот колега од ресорот економија. Само ја повтори изјавата дека рудник немало да има.

Мојот став е јасен , Рудник во Струмица нема да има , рече Спасовски во Битола .

Поопширен одговор добивме само од Министерството за животна средина кое повторно се вади на техникалија. Потврдуваат дека материјалите биле прикачени ден порано, но немало време да се разгледаат, затоа што министер не можел да ги гледа се додека не биде усвоен дневниот ред или ако од нивниот ресор не било побарано мислење.

Системот функционира  на начин што кога ќе се усвои дневниот ред дополнително, тогаш се појавуваат точките , ниеден ресор нема увид се додека не се усвои дневниот ред, ако во системот не е побарано мислење од одреден ресор. Од  министерството за животна средина не е побарано мислење , велат за Алфа од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Откако беше усвоено спојувањето на концесиите за рудникот Иловица – Штука , наспроти остриот револт од граѓаните, министрите во Владата од СДСМ еден по еден на јавна сцена кажуваа дека не биле запознаени за што гласаат  . Бектеши после речиси една недела ги собра новинарите и кажа дека предлогот го доставувале по трет пат, а сите материјали биле  прикачени на време . Според него, најдобро решение било да се спојат концесиите , за да сме се заштителе од арбитража според законот за минерални суровини.

Кристина Алексиеска

Кристина Алексиеска

Advertisements