Власта свесна дека уставните измени нема да поминат: Сега целта им е да останат месец повеќе на власт
Власта е свесна дека уставните измени не може да поминат, целта не им е веќе менување на Уставот, туку останување на власт ден повеќе. Според лидерот на опозиција Христијан Мицкоски, единствената цел на Димитар Ковачевски и Али Ахмети е како да се преживее август, за веќе во септември да нема логика да се бараат предвремени парламентарни избори, па сегашните функционери да останат во совите удобни фотелји уште неколку месеци.
-Сега ова веќе е борба како да се премости август, па да дојдеме до септември и да биде веќе безпредметно барањето за предвремени парламентарни избори, бидејќи секако март, април имаме редовни и претседателски. Така што вие сега овдека не барајте политика, барајте ситно лично политикантство, како уште месец два повеќе да бидат на функција таму каде што се, како уште месец два три повеќе да крадат, како уште месец два три повеќе да ги управуваат луксузните возила на пријателите, изјави Мицкоски.
Мицкоски не е целосно уверен во зборовите на пратеникот Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците во Македонија, кој е дел од владината коалиција. Ибрахим порача дека немало да гласа за уставните измени како што се предложени во моментов, но според лидерот на опозицијата нему не може да се верува ако се знае дека шест години бил дел од оваа власт на СДСМ и ДУИ. Според опозицискиот лидер единствен браник пред уставните измени се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
-Јас многу не се потпирам на тие луѓе, зошто за да поддржуваш една ваква Влада, многу зборот и образот не ти значат во животот. Јас верувам и за мене е она важно на оние 44 пратеници кои што доаѓаат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и знам дека тие сигурно нема да гласаат под овие околности и нема да прифатат бугарски диктат, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски власта ако имала двотретинско мнозинство уставните амандмани на гласање би ги ставила уште пред една година, а немала да чека до сега за да избегне евентуални избори на есен. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, уставни измени под овие услови и бугарски диктат се невозможна мисија.
Матеја Петровски