Власта сака да се испере од одговорност: Владата сама треба да донесе одлука за францускиот предлог, воопшто нема потреба од Собранието

Секаде одлуката за прифаќање на преговарачката рамка ја носи Владата, само во Македонија Ковачевски ја праќа во Собранието, со цел дамката од прифаќањето на францускиот предлог да ја префрли врз пратениците, вели за Алфа телевизија пратеникот Антонио Милошоски. Како пример дека Собранието сега нема никакви ингеренции во овој процес тој ги даде и најблиските земји до Македонија, кои се членки или преговараат за членство во Европската Унија.

-За преговарачката рамка за меѓувладина конференција не одлучува никаде Собранието, ниту претседателот на државата, туку одлучува Владата и затоа се вика меѓувладина конференција, а не се вика меѓусобраниска или меѓупретседателска. Да ги земеме примерите во Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Бугарија ако сакате кога станувале земји членки или кога започнувале процес на преговори. Одлуката за преговарачката рамка во сите овие земји ја има донесено Владата, изјави Милошоски.

Според Милошоски, Ковачевски и Османи Собранието го користат како обична козметика со цел свое алиби за кажување ДА за францускиот предлог, ДА кое веќе го ветиле.

-Тука во Македонија бидејќи процесот е нетранспарентен и има револт кај народот, Ковачевски и Бујар Османи ќе се обидат Собранието да го искористат за еден театар, за една козметика и собраниските гласања за некакви заклучоци кои што немаат никаква правна обврска кон преговарачкиот предлог да ги искористат како алиби за нивното да кое што веќе го имаат најавено и однапред потврдено, изјави Милошоски.

Она што е плус симтоматично е што пратениците може да кажеме ќе гласаат на слепо, бидејќи покрај јавноста, ниту до Собранието не е доставен оној спорен протокол. Милошоски вели дека сепак опозицијата ќе ја искористи оваа шанса да каже НЕ за францускиот предлог и преку дебата во Собранието да објасни зошто е против него. Порачува дека многу пати досега го побарале протоколот, но него се уште го нема, потенцирајќи дека да бил добар за Македонија, ниту една власт не би го криела.  

-Често сме го барале протоколот кој веќе е усогласен според нашите информации помеѓу Македонија и Бугарија, но гледаме дека Ковачевски и Бујар Османи го кријат како што змијата ги крие нозете. Зошто го кријат? Ни една Влада не крие договор кој што е корисен, ни една Влада не крие договор кој што е добар, но Бујар и Ковачевски, од новинарите, од пратениците, од јавноста, токму затоа што нашите сознанија говорат дека овој протокол е штетен, изјави Милошоски.

Милошоски е на ставот дека покрај опозицијата и власта треба да го одбие овој предлог, бидејќи сите фактори во земјата говорат за неговата штетност. Според него ваквиот преговарачки предлог не води само во едни мачни преговори и тензии на релација Македонија- Бугарија и не нуди извесна перспектива за членство во Европската Унија.

Матеја Петровски