Власта призна: Невозможно било да се детектира од каде доаѓаат лажните дојави за бомби

Премиерот призна дека не можат да го решат проблемот со лажните дојави за бомби. Вели дека станувало збор за хибридна војна и оти решение ќе барале од странски институции.

– „Кај голем дел од овие дојави се работи за Ви-Пи-Ен врски хостирани во странство при што, речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, бидејќи Ви-Пи-Ен-ите се приватни виртуелни мрежи хостирани во странски држави и затоа се работи со партнерските служби.“ – Истакна премиерот Ковачевски.

Бидејќи лажните дојави за поставени бомби се случуваат насекаде низ Балканот, безбедносниот експерт и поранешен висок функционер во МВР, Љубомир Ѓурчески, вели дека некој се обидува да создаде кризни состојби и да го дестабилизира регионот. Но, не е сигурен дали и дојавите во соседството доаѓаат од исто место како и кај нас.

– „Организираниве криминални групи, секојпат ги менуваат местата на сторување на кривичното дело, односно, во овој случај Ај-Пи адресите. Многу е едноставно да отвориш Ај-Пи адреса од било каде во светот, но затоа, јас ги повикав стручните екипи во НАТО, бидејќи тие располагаат со сателитски комуникации и имаат контрола над тие комуникации. Во основа, очекувам дека тие дојави ни се случуваат од различни држави, различни земји, па можеби и од внатре, од Република Македонија.“ – Вели Ѓурчевски.

Тој додава и дека очекувал повеќе од НАТО, бидејќи кога заканите доаѓаат однадвор, проблемот мора да се решава во меѓународни рамки, во соработка со нашите сојузници.

– „Јас крајно сум незадоволен од нивниот однос, затоа што во рок од 30тина дена, од нив, малтене не добивме никаква сериозна помош од таа институција и јас по некој пат се прашувам која е суштината на нашето членство таму, ако како партнер не ми помагате. Затоа ја поставувам таа теза, но и упатувам остра критика према нашите партнери од НАТО, не само тие да бараат од нас ние да си ги исполнуваме обврските како членка, а повратно да не добиеме никакви услуги од нашето членство во таа организација“ – Додава Ѓурчески.

Инаку, Македонија речиси два месеца редовно се соочува со лажни дојави за бомби во училишта, трговски центри, други институции и јавни објекти. Од МВР велат дека истрагата е во тек. Единствено беше приведен еден средношколец кој поттикнат од информациите за лажни дојави и самиот испратил неколку заканувачки мејлови. Според пријавата од МВР тој ќе одговора за тероризам. Од оригиналните испраќачи засега нема ни трага ни глас.

Никола Цветкоски

Advertisements