Власта призна дека веќе не може да се бори со инфлацијата, ќе ги отвора и стоковите резерви

Во овој момент Владата не може повеќе да се бори со високата инфлација – призна Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Во Владата размислуваат и да активираат дел од стоковите резерви за колку толку да се спуштат некои цени надолу. Битиќи во ТВ интервју рече дека инфлацијата била увезена, повисоките цени на суровините и готовите производи од странство биле реалност, а увозно зависните земји тешко се справувале со постојаниот раст на цените. Сепак, тврди дека мерките дале резултати. Инфлацијата минатиот месец достигна 16%, а дел од мерките се ограничен извоз на пченица и брашно, како и замрзнување на маржите за трговците.

Битиќи упорно уверува дека во продавниците и маркетите ќе има леб по, како што кажа пристојни цени. Сепак, последниве неколку недели, цената на основниот прехранбен продукт урива рекорди. Просечната цена е околу 50 денари, а некои видови на леб се продаваат и до 100 денари. Конечно, по многубројните апели на мелничарите, Владата почна да размислува за активирање на стоковите резерви. Битиќи не потенцира кога тоа би се случило или пак, за колку би се намалила цената на лебот.

Бизнисот повеќе од половина година бара од Владата да ги активира стоковите резерви за да има евтина суровина за производство додека да стаса родот од новата жетва. Сепак, на терен проблемите се очигледни. И покрај ограничениот извоз и една од најголемите реколти последниве години, цените никако да паднат. Лебот во јули бил поскап за 37% споредено со истиот месец лани. Ова поскапување не го вклучува новиот пораст на цената на лебот на стартот на месецов. Најмногу поскапело сончогледовото масло за над 50%, а за над 20 отсто поскапо се продаваат и месото, млекото, јајцата, сирењето, зеленчукот. Земјоделците, пак, од друга страна се бесни. Оризопроизводителите веќе излегоа на протест, а лозарите веќе закажаа блокирање улици викендов. Земјоделците се незадоволни бидејќи произведуваат, а не можат за заработат поради ниските откупни цени.

Тања Попова