Власта почна со притисокот врз пратениците за Уставот, тие и возвраќаат: „Нема попуштање„
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ стравуваат дека власта ќе проба да го повтори сценариото од 2018 година, за време на уставните измени кога користеше притисоци, уцени и закани за да обезбеди двотретинско мнозинство. Поголем дел од нив чувствуваат и опасност по нивните животи, бидејќи како што велат, започнале притисоците. Опозициската партија категорично ја отфрла секоја можност за отворање на Уставот и не планира да попушти, бидејќи како што велат, се работи за идентитетски и национални интереси.
Сите пратеници се во опасност, дури и по нивните животи, но ние кога станавме пратеници, ветивме пред граѓаните, се договоривме, дека нашиот збор даден пред граѓаните ќе биде Уставот на нашето делување во Собранието и не очекувам некој да подлегне на тие притисоци. Не постои таков притисок кој ќе го промени нашето мислење. Над 70% не го поддржуваат ова што се случува, можат да прават што сакаат, секакви притисоци и немаме право на страв. Народот ја донесе одлуката, ние остануваме со народот – изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.
Вчера беше запален автомобилот на пратеникот Петар Ристески во Прилеп, а синоќа беше опожарено и возилото на раководителката за Урбанизам во Општина Прилеп. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ова е почеток на притисоците кои власта би ги правела со цел да ги заплаши и предомисли да поддржат внесување на Бугарите во Уставот. Пратеничката Дафина Стојаноска, вели нема попуштање, а единствени кои сега треба да го издржат притисокот не се само тие, туку и Власта која го губи легитимитетот.
Ние сме единствените државјани кои сме безимени, сега сме и без јазик, само со јазик на нашата држава. Оваа власт потпиша безименост, без постојаност, без идентитет, и не знам што славеа и зошто беа под силно полициско обезбедување. Фактите говорат спротивно од она што тие го тврдат. Нема да се повтори сценариото од 2018 година. Притисокот треба тие да го издржат, ние издржуваме многу повеќе од притисоци, нема попуштање, овде се работи за јазикот и идентитетот – изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска.
Доколку сите пратеници гласаат „ЗА“, на власта ќе и фалат уште 6 гласа кои би дошле од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците претходно потпишаа изјави заверени на нотар дека ниту во овој ниту во некој следен мандат нема да поддржат уставни измени, што е главниот предуслов за вистинскиот почеток на преговорите за членство во Европската Унија.
Во 2018 година за да се спроведат уставните измени кои беа резултат на Преспанскиот договор, власта користеше жестоки уцени и закани. За да се добие глас плус, се правеа притисоци, се поткупуваа пратеници а се одеше дури и до таму што неколку пратеници беа ослободени од притвор за да гласаат за промена на уставното име на Македонија.
Адријана Алексиеска