Власта пак потфрли, наместо да купи гас за цела грејна сезона, продолжува да купува месец за месец

Гас за работа на скопските топлани има за  уште само 6 дена. Власта повторно потфрли, па наместо да набави гас до крајот на грејната сезона, продолжува да купува месец за месец. Само една понуда за гас за скопските топлани пристигнала на адреса на државните електрани. Макпетрол повторно се јави со количини и цени за потребите на АД ЕСМ. Другите понуди биле некомплетни – велат од државната компанија. Сепак, во обид да се избегне скапата понуда од Макпетрол, сега ЕСМ ќе чека останатите три фирми да ја докомплетираат документацијата, со надеж дека ќе се плати помалку. Ваквите маневри во „5 до 12“ при купување гас можат скапо да ги чинат Скопјани кои би можеле да останат без парно греење од први ноември.

„Управниот одбор го задолжи ЕСМ Продажба да ја појасни Информацијата преку испраќање допис до трите компании со барање да ги допрецизираат своите информации кои ги испратиле и истите да достават конечни понуди за месец ноември за работа на топланите Исток, Запад и Енергетика, и понуди за евентуално вклучување во режим на работа на приватната гасна електрана ТЕ ТО, од која исто така е побарана информација дали тие самите имаат обезбедено природен гас и за кој период“ – велат од ЕСМ.

Рокот за доставување на понуди истече во петокот минатата недела. Засега не се знае кога и дали навреме би се склучил договор за ново снабдување. Гас за работа на топланите има за уште 6 дена. ЕСМ повторно ќе купува гас месец за месец, а не за цела грејна сезона. Претходно беше посочено дека поради превисоките цени на гасот, поисплатливо е да се купува на пократки периоди за да се заштеди.

Премиерот Ковачевски вели дека ако има поволни понуди и приватната ТЕ-ТО може да купи гас по пониски цени.

Директорот на ЕСМ Ковачевски претходно уверуваше дека очекува две до три сериозни понуди. Меѓу нив, и швајцарската ПГО, инаку предлог на опозицијата требаше да излезе со поволна понуда. Неофицијално и две странски компании биле заинтересирани да понудат количини по пониска цена од онаа по која Макпетрол му продаде гас на ЕСМ за последните две недели од октомври. ЕСМ бараше над 250 милиони кубни метри гас за да може цела грејна сезона да работат двете топлани Исток и Запад, но и ТЕТО. Ако не се набави гас навреме, втората опција е дизел. Надлежните уверуваат дека топланите се подготвени. Ќе има јавна набавка, но доколку таа не се финишира навреме, ќе се обезбедат количини на дизел од државните нафтени резерви.

Тања Попова

Advertisements