Власта пак ги разочара оризопроизводителите, не им плати на сите по 3 денари од предаден килограм арпа

Во целост не се исплатени парите од дополнителната мерка за оризопроизводителите, со која се предвидува 3 денари од предаден килограм арпа. Сметката на производителот Владо Стојанов од село Облешево е пократка за една третина. Наместо планираните 57.000, на сметка му легнале само 19.000денари. За оваа како што ја нарече „весела земјоделска математика„ од која само е во загуба има и документ.  

  • Јас имам предадено скоро 20 тона оризова арпа, а они ми имат исплатено само 19.000…преку лигитимни фирми е предадена арпата. Имам документ, дека се е законски. Поминато е преку УЈП. Значи ни го зедоа данокот, а на нас не ни ги дават„ изјави Владо Стојанов, оризопроизводител од село Облешево.

 Но нецелосната исплата на интервентната мерка, не е проблем само на Стојанов. Според него бројот на оризопроизводители кои добиле помалку пари од планираните е голем.

  • Не сум само јас, има многу луѓе, ама сега сме во екот на сезоната и земјоделците си ги прскаат нивите…Има поединци, колку што јас знам дека имаат проблем со нецелосна исплата. Има едно момче од село Бање, 100тони има предадено, а само за 20 му е исплатено. Го викнав да дојде, но моментално прска и не можеше да дојде и да каже„ објаснува Стојанов

Прашавме и во министерство, која е причината поради која дел од земјоделците не се во целост исплатени и дали ќе ги добијат парите кои им недостигаат. Но оттаму молк, ниту пак демантираат дека има сериозен проблем во исплатата на мерката.

  Во април годинава, министерот за земјоделство си се пофали дека продолжуват да работат во интерес на земјоделците,  исплаќајќи 32милиони денари токму од оваа мерка.

 Оризопроизводителот Стојанов не отстапува. Вели, парите нема да и ги подари на државата, бидејќи тешко ги заработил. Тој и уште неколкумина земјоделци од Кочанско ќе поднесат приговор, а спремни се да отпочнат и судска постапка.

Александра Ристевска

Advertisements