Власта не се прослави: Ковачевски ја згреши најпозната мисла на Гоце Делчев, СДСМ не знаат каде биле- гробот на Делчев стана „спомен куќа“ и „споменик“

Вечниот дом на Гоце Делчев стана спомен куќа, па споменик, единствено што не стана во текот на вчерашниот ден беше гробот каде се посмртните останки на најголемиот македонски револуционер. Ова можеме да го видиме во објавите на социјалните мрежи на СДСМ, буквално пиши бриши статуси на најголемата владејачка партија. Да одиме со ред. Во првичната објава во 15 часот и 39 минути вечниот дом на Делчев за СДСМ беше спомен куќа.
-Претставници од #СДСМ, оддадоа почит пред спомен куќата на великанот Гоце Делчев, по повод 151 година од неговото раѓање, стои во првичната објава на Владата.
Гробот на Делчев како „спомен куќа“ стоеше цели шест часа, па во 21 часот и 45 минути, како што можеме да видиме, бидејќи Фејсбук дозволува сите да ја видат историјата на извршените промени, владејачката партија се обиде да ја поправи својата грешка, но направи уште една. Гробот на Делчев стана „споменик“.
-Претставници од #СДСМ, оддадоа почит пред споменикот на великанот Гоце Делчев, по повод 151 година од неговото раѓање, стои во првата променета објава на Владата.
Вака погрешно напишната објава стоеше еден час, па во 22 часот и 48 минути, нова промена. Сега беше тргнат зборот споменик, но не беше напишано каде премиерот и партиските колеги положиле свежо цвеќе.
-Претставници од #СДСМ, оддадоа почит на великанот Гоце Делчев, по повод 151 година од неговото раѓање, стои во втората променета објава на Владата.
Во текот на вчерашниот ден не грешеше само партијата на Ковачевски, згреши и самиот тој. Премиерот изгледа учел различна историја од онаа која што ја учиме сите други, или пак едноставно не ја научил најпозната делчева мисла. Па според него Делчев светот го разбирал како поле за културен „напредок“, а не „натпревар“ меѓу народите. Кај оваа објава од 8 часот и 20 минути вчера, ниту повеќе од 24 часа подоцна се уште не е искористена опцијата за промени.
-Идеалите на безвременскиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, стои во статусот на Ковчаевски.
На премиерот му требаше цел ден да се сети на вистинската мисла на најголемиот македонски револуционер. Во објавата пишана во 20 часот и 20 минути, точно 12 часа по првичната, зборот напредок беше заменет со натпревар.
-Великанот Гоце Делчев го разбирал светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Тие негови идеали и денес се патоказ за сите нас, стои во објавата на Ковачевски.
Сепак „натпреварот“ остана „напредок“ во официјалното соопштение на Владата, ниту соопштението е променето на сајтот на Владата, а ниту во споделената објава на Фејсбук.
-Идеалите на големиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, стои во објавата на Владата.
Во последната владина објава на тема Делчев, воошто не е спомената мислата на македонскиот револуционер. Само информација дека заменик министерот за финасии Филип Николоски, заедно со Роберт Алоѓозовски и Едмонд Адеми положиле свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје.
Матеја Петровски